
Фолксваген по 40 години заврши со производство на Поло во Европа, за фабриката во Памплона, Шпанија, да ја подготви за производство на достапни малечки автомобили со погон на струја.
Поло и натаму ќе биде достапен за европските купувачи, но моделот ќе пристига тука од фабриката на Фолксваген во Кариега, Јужна Африка.
Шпанската фабрика ќе почне да произведува два малечки СУВ-модели со целосно електричен погон во 2026 година. Едниот модел ќе го носи знакот на Фолксваген, додека вториот е резервиран за чешката марка на концернот, Шкода.
Двата СУВ-модели ќе бидат изведени врз скусената верзија на платформата МЕБ на концернот, само со преден погон. Концернот се реши да ја користи платформата што е основа на целата тековна понуда од електрични модели, од ИД.3 до ИД.7, за новите малечки модели да ги продава по цена блиску до моделите со обичен погон.
Моделот на Шкода ќе го носи името Епик и ќе почнува од 25.000 евра. Тоа уште одамна го најави чешкиот производител.
Лани во декември, Фолксваген пушти концепт што ја прикажа формата на својот иден модел во почетокот на електричната понуда, наречен ИД.2 Ол СУВ.
Приспособената изведба на платформата МЕБ ќе се користи и за малечката електрична комбилимузина што ќе се произведува во Марторел, Шпанија, заедно со сестринскиот модел што ќе го развие марката Купра.
Фолксваген потврди дека во фабриката ќе продолжи производството на двата СУВ-модели со обичен погон, Т-Крос и Таиго.
Продажбата на Поло опадна во изминатите години, откако купувачите почнаа да се префрлуваат на СУВ-моделите од таа класа, како што се Фолксваген Т-Рок и Т-Крос.
Во првите осум месеци од 2024 година, Фолксваген продаде 90.107 примероци од Поло. Со тоа, Поло е на 8-то место во продажбата во сегментот на градски модели.
Пред десет години, Фолксваген во истата временска рамка продаваше речиси двојно повеќе примероци, кога Поло беше 4-ти најпродаван модел воопшто на европскиот пазар.
Најпродаван модел во сегментот на градските автомобили годинава е Дачиа Сандеро, којшто е воедно и најпродаван модел во август, со 183.183 примероци. Трет најпродаван модел е Фолксваген Т-Рок, со 143.939 примероци, веднаш зад второпласираниот Голф.
Во фабриката во Памплона, Фолксваген од 1984 година наваму произведе 8,4 милиони примероци од Поло. Последниот примерок што ја напушти производствената лента во јули е сино Поло со опременост Лајф, со 1,0-литарски ТСИ со 95 КС и петстепен мануелен менувач, соопшти Фолксваген.
Во фабриката на Фолксваген во Кариега се произведуваат автомобили на концернот уште од 1951 година.
Во африканската фабрика во моментов се произведуваат Поло и Поло Виво, којшто е поедноставна и поевтина изведба, базирана врз претходната генерација на моделот. Поло Виво е најпродаван автомобил во Јужна Африка до август.















