Шефот на Мерцедес бара ЕУ да ги ублажи нормите за ЦО2

Ола Калениус вели дека Мерцедес „не може да ги игнорира барањата на клиентите“ додека забавува продажбата на електрични автомобили во Европа.

Извршниот директор на Мерцедес-Бенц, Ола Калениус, побара да се ублажат нормите за ограничување на емисијата на штетни материи и искажа поддршка за предлозите на Марио Драги да се зајакне конкурентноста на Европа. Шефот го кажа тоа во интервју за германскиот економски дневник Ханделсблат.

Калениус изјавил за дневниот весник дека производителот на автомобили се сложува со позицијата на европското здружение на производители на автомобили АЦЕА. Како член на тоа лоби, Калениус бара „итна акција“ пред да стапат на сила новите ограничувања за емисијата на ЦО2, што ги става производителите на автомобили во ситуација при надминување на новите лимити да плаќаат казни што можат целата бранша да ја чинат милијарди евра.

„Не можеме да ги игнорираме барањата на клиентите,“ изјави Калениус за германскиот економски дневник. Додека стагнира уделот на целосно електричните автомобили во продажбата во Европа, лимитите за ЦО2 за 2025 година се „тешко остварливи,“ кажа шефот.

Ола Калениус изјави дека „речиси безрезевно ќе излезе во поддршка“ на неодамнешниот извештај на Драги, поранешниот претседател на Европската Централна Банка, кој наведе начини за Европа да ја подобри својата конкурентност.

Тоа се случува во време кога автомобилската индустрија се соочува со царини и со забавување на економијата во Кина.

Мерцедес на 19-ти септември испрати допис до берзата, во којшто се соопштува дека концернот е посебно загрижен поради слабеењето на кинеската економија. Кина е најголем единечен пазар за германската марка.

Калениус соопшти дека клонцернот е „на добар пат“ со плановите за скусување на трошоците, додавајќи дека „една компанија не може да стои во место.“

Претходна објаваФолксваген го префрлува Поло во Африка, шпанската фабрика ќе произведува електрични автомобили
Следна објаваЕлектричниот Пасат ја раздвижи продажбата во средната класа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here