Новата изведба на Баги беше сензација пролетоска во Женева, а не е ништо помалку од тоа и сега во Калифорнија. Привлекувањето внимание секако е заслуга и на Александра, познатата Суперкарблонди, којашто има извозено повеќе скапи автомобили од којa било дама на планетава.
Алекс Хирши е дефинитивно најпознатата дама зад воланот во последниве години. Кој не ја познава под тоа име, сигурно ја знае како Суперкарблонди. Убавицата со вечна насмевка имаше тест возење на електричниот ID. Buggy во Калифорнија. Коментарот по тоа искуство: „Ветрот ти ги вее косите, слушаш сé околу себе и чувствуваш дека си надвор. Тоа е многу кул.“
Родената Австралијка на свои 33 години, со седум милиони следбеници на фејсбук, 3,7 милиони на инстаграм и 1,7 милион на јутјуб, очигледно се разбира од автомобили, но и умее да ужива во нив: „Омилен звук ми се брановите. Нив можеш да ги чуеш самоако седиш во сосем безчуен автомобил. Затоа има смисла, кога си во природа, да ја слушаш природата, а не моторот. Тоа совршено одговара едно со друго.“
Volkswagen пристигна во Калифорнија со ID Buggy за да биде присутен на прочуената автомобилска недела во Монтереј. Во рамките на овој светски настан се одржуваат премиери на нови модели, се изложуваат најретките и најскаптие олдтајмери, некои од нив добиваат и нови сопственици.
Багито од втората декада на новиот милениум ја користи платформата MEB на Volkswagen, истата со којашто ќе има премиера ID.3 во септември, како и цела низа електрични модели од сите класи и марки на концернот во иднина. Школката лесно се одвојува од платформата. Германците го нудат MEB и на други производители, за тие да изработат сопствено електрично возило врз таа основа.
ID Buggy уште е концептно возило, но присутните во Монтереј ценат дека возилото е веќе зрело за продажба. Двојка од Франција со прашање до Алекс: „A, каде го купивте автомобилот?“