Групацијата Volkswagen и нејзината посестринска компанија за батерии PowerCo почнаа да бараат локација за првата фабрика за батерии на производителот на автомобили на територијата на Северна Америка. Веста ја објави Ројтерс, повикувајќи се на извори во компанијата.
Според неименувани извори во VW, Канада била „логичен избор“ за фабриката, којашто ќе биде прва гигафабрика на Volkswagen надвор од Европа.
Потегот се опишува како проширување на писмото на разбирање што во август беше потпишано меѓу Volkswagen и Канада, земја што располага со исклучително рудно изобилство. Тогаш беше договорено да се засилат преговорите за да се обезбеди пристап до литиум, никел и кобалт.
Европските производители на автомобили се впуштија во трка за да обезбедат доволна продукција на батерии на континентот, меѓутоа индустријата уште е во фаза на зародиш.
Volkswagen во септември објави заедничко инвестирање во батерии во вредност од 2,9 милијарди долари со белгиската фирма за трговија со материјали Umicore.
Во потрагата по локација во Северна Америка, членот на управниот одбор на Volkswagen, надлежен за технологија, Томас Шмал, најави: „PowerCo се подготвува за скок преку Атлантикот. Северна Америка нуди мошне привлечни услови за овој бизнис. Ќе победи најконкурентната локација“.