за ,

Volkswagen ќе произведе дополнителна серија од еднолитарскиот автомобил

Германците ќе го пуштат XL1 во сериско производство веќе пред крајот на годинава. Пазарот покажа голем интерес за моделот со потрошувачка од 1,0 L/100 km, производителот реагира.

Првично Volkswagen планираше да произведе ексклузивна серија од моделот XL1 од само 50 примероци за ВИП-корисници, но сега ќе се придружат уште 200 возила наменети за поширок круг купувачи. Производството на моделот ќе стартува уште во текот на оваа година.

Верзијата на моделот за сериско производство се појави премиерно на салонот во Катар во јануари. Претходно моделот се појавуваше во развојна фаза во 2002 и во 2009 година. Погонската техника се состои од хибриден систем составен од двоцилиндарски TDI со 48 КС, електромотор со 27 КС, седумстепен менувач со двојна спојка и литиум јонски батерии. При погон само на струја, XL1 може да извози до 50 километри.

Аеродинамиката на XL1 исто така придонесува за ниската потрошувачка. Во споредба со Golf, необичниот хибрид има за 2,5 пати понизок отпор на воздух. Меѓу другото, место ретровизори се користат два дисплеја во кокпитот на кои што се прикажува просторот зад возилото. Тежината на двоседот, заедно со батериите, изнесува 795 килограми.

Цената на возилото уште не се објавува, а се шпекулира во широк дијапазон, од 40.000 до 100.000 евра. Во секој случај, возилото со потрошувачка од еден литар дизел на сто километри нема да биде евтино.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Корисници на Toyota Prius се тркаат во штедење

General Motors продаде повеќе возила во Кина од Volkswagen