Матичната марка на концернот Volkswagen постигна зголемување во ноемвриската продажба на глобално ниво за 7,5 проценти, со 533.500 возила. Позитивниот тренд важи и за вкупната продажба од почетокот на годинава. Изненадување е растечката продажба во САД, но главниот импулс сепак доаѓа од кинескиот пазар.
Кина, неколку земји во Западна Европа, САД и Индија се најзаслужни за зголемувањето на продажбата на марката Volkswagen во ноември. Во претпоследниот месец од годинава, марката од Волфсбург испорача 533.500 возила или за 7,5 проценти повеќе во споредба со ланскиот ноември. Од почетокот на годинава, продажбата достигна 5,4 милиони возила на Volkswagen (+1,6%).
Овие бројки го радуваат и Јирген Штакман, директорот за продажба на Volkswagen: „Плус 7,5 проценти во актуелните предизвикувачки услови на пазарот е резултат за почит.“ Под предизвикувачки, Штакман секако мисли на дизелгејт. Првиот човек во продажбата на Volkswagen е убеден дека неговата марка ќе ја заврши годинава со позитивен резултат.
Продажба на марката Volkswagen на светско ниво до ноември:
| ноември 2016 |
промена во % | јан. – ное. 2016 |
промена во % | |
| Европа | 137.100 | -1,4 | 1.557.900 | -1,4 |
| Западна Европа | 116.100 | -3,0 | 1.353.900 | -2,6 |
| Германија | 44.300 | -16,0 | 519.100 | -6,6 |
| Централна и Источна Европа | 21.100 | +8,2 | 204.000 | +7,0 |
| Русија | 7.000 | -7,7 | 66.600 | -5,4 |
| Северна Америка | 51.400 | +15,3 | 521.700 | -3,3 |
| САД | 29.700 | +24,2 | 285.700 | -10,3 |
| Јужна Америка | 28.900 | -10,9 | 305.400 | -29,2 |
| Бразил | 19.700 | -16,3 | 196.700 | -37,5 |
| Азија – Пацифик | 297.600 | +13,3 | 2.854.400 | +10,5 |
| Кина | 285.000 | +15,4 | 2.696.300 | +12,6 |
| Свет | 533.500 | +7,5 | 5.419.900 | +1,6 |
Како причина за значајниот пад во продажбата од 16% на домашниот пазар во ноември, Волфсбург го наведува продолжениот период на лизинг од страна на вработените во концернот. Пресметано од почетокот на годината, падот на германскиот пазар изнесува 6,6 проценти.
Продажбата на Tiguan и Touran врви одлично во Франција, Шпанија и Италија
Неколку поголеми пазари во Западна Европа компензираа со голем пораст во продажбата, првенствено Франција (+13,6%), Шпанија (+13,1%) и Италија (12,6%). Овој пораст се должи на добрата продажба на Tiguan и Touran.
Во САД во ноември се продадоа 28.700 возила или за близу една петина повеќе отколку во истиот месец лани, за што се заслужни стартот на продажбата на Golf Alltrack и на освежениот Passat. Кина и натаму е најголем извозен пазар за Volkswagen, со рекордни 285.000 продадени возила (+15,4%). Индија исто така покажа одличен биланс за ноември, со пораст од 37,8 проценти, што е резултат од комерцијализацијата на Volkswagen Ameo, модел наменет само за овој пазар.
















