Mercedes прави ексклузивното купе од S-Class да биде уште поексклузивно. Во април следната година пристига специјалната серија „Night Edition“, достапна во моделските изведби S 400 4Matic, S 500 и S 500 4Matic. Светската премиера за серијата е најавена за салонот во Детроит, којшто се одржува меѓу 9-ти и 22-ри јануари.
Моделите од специјалната серија Night Edition се распознаваат по впечатливата маска со црна ламела финиширана во висок сјај, исто како и по бандажите од 20 инчи, со повеќе краци и полирани рабови. Во црна сјајна боја се појавуваат и куќиштето на ретровизорите и додатоците во праговите. Потписот на AMG Styling е присутен во изгледот на предниот и задниот браник, како и во осветлените прагови со натпис на марката. По желба на сопственикот, каросеријата може да биде лакирана во селенит сива боја, од специјалната палета на бои „магно“. Овој мат-лак поседува пигменти коишто даваат специјален ефект.
Ексклузивноста на серијата во кабината ја оддаваат гравурата Night Edition во спортскиот волан од AMG којшто е обложен со напа-кожа. Купувачите имаат избор на седишта обложени во обична кожа, напа-кожа или напа-кожа во верзија на AMG, во црна боја или комбинација од сива и црна, кафена и црна или црвена и црна боја. На тоа се надоврзуваат дрвени панели во сјајна црна боја.
Цената на Mercedes S-Class Coupe Night Edition ќе биде објавена при премиерата во Детроит. „Стандардниот“ S-Class Coupe чини најмалку 99.960 евра во верзијата S400 4Matic според германскиот ценовик, а топ-моделот Mercedes-AMG S65 со мотор V12 со 630 КС е само малку под 250.000 евра.

















