Volkswagen Т1 стар шеесет години поскап од нов Porsche

На наддавањето што ќе се одржи кон крајот на јуни во англискиот Гудвуд ќе биде понуден овој редок примерок од првата генерација на Volkswagen Transporter. Цената може да достигне астрономски висини.

Примерок од првата генерација на Volkswagen Transporter го менува сопственикот поретко и од најстарите модели на Porsche, па соодветно на тоа и цените достигнуваат шокантно високи вредности. На наддавањето што ќе се одржува на 24-ти јуни во рамките на Фестивалот на брзината во Гудвуд, аукциската куќа Bonhams ќе го понуди овој примерок на Volkswagen Transporter за 160.000 евра.

Не станува збор за која било изведба на Transporter, туку за верзијата Samba, со 23 малечки прозорци по целото возило и со дводелен ветробран. За создавањето на верзијата Samba е заслужен извесен Рудолф Ринге, кој претходно работел и на развојот на првата „буба“, во времето кога проектот уште се водеше како „KdF“. Ринге по сопствена иницијатива го преработел T1 во Samba-Bus, со голем лизгачки покрив и дополнителни прозорци во покривот. Како инспирација послужиле тогашните туристички автобуси со прозорци во истиот стил.

Во подобра состојба од фабричката

Примерокот на продажба го минал најголемиот дел од животот во САД. Овој Samba-Bus е произведен во 1957 година, за една година подоцна да добие американски таблички. Во 2005 година, комбито е префрлено во Велика Британија, кадешто му е извршена комплетна реставрација. Возилото денес изледа подобро отколку при излегувањето од фабрика. Моторот e комплетно ремонтиран, исто како и сопирачките и менувачот. Корозијата е непознат поим. Возилото не е со првиот лак, но затоа е лакирано од ново во оригиналните бои. За вредноста придонесува најмногу тоа што речиси сите делови се оригинални и не се преземени од други возила.

Цената не е нереална. На ланското наддавање во Австралија, сличен и три години понов Samba Bus достигна вредност од 130.000 евра.

[FAG id=24537]

Претходна објаваЗлатан Ибрахимовиќ во промоција на новиот Volvo V90
Следна објаваШто сé има во уникатниот Renault Clio R.S. 16?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here