за

Што сé има во уникатниот Renault Clio R.S. 16?

Француската марка одбележува четири децении на своето спортско одделение и враќање во формула 1 со уникатниот примерок од Clio. Но, „освен“ 275 КС, во R.S. 16 има уште многу друго.

Малечко, подвижно, силно како мечок. Renault ја искористи „гужвата“ во Монако во минатиов викенд да го прикаже пред јавноста уникатниот Clio R.S. 16, во чест на четириесетгодишниот јубилеј на своето спортско одделение и на враќањето на марката во формула 1. Дволитарскиот турбо со 275 КС и 360 њутмнетри под хаубата, позајмен од Megane R.S. 275 Trophy-R е само почеток на приказната околу овој мини-болид.

Renault Sport Cars работеше пет месеци на R.S. 16 во соработка со Renault Sport Racing, со намера да го спои имиџот на Renault на тркачката патека со имиџот на марката во уличното секојдневие. Патрис Рати, директор на Renault Sport Cars: „По примерот на Clio V6, сакавме да направиме возило со исклучителни перформанси, по реална цена.“ По овој работен налог од директорот, техничарите изработија автомобил што не ја губи приземноста и применија едноставни, но ефектни решенија. Clio R.S. 16 е перфектно тјуниран примерок, изработен во Renault, место во специјализирана тјунерска работилница.

Комплетна предна оска од Megane Trophy-R заедно со моќниот турбо бензинец

Со најсилниот мотор што може да се најде на фабричкиот „регал“ на Renault, Clio R.S. 16 располага со 75 КС повеќе од стандардната верзија на Clio R.S. со 1,6-литарски турбо. Од неа потекнува и 6-степениот мануелен менувач и системот за ладење. За звукот и за ефикасното спроведување на издувните гасови се грижи издувен систем од реномираниот специјалист Akrapovic.

За предните тркала безбедно да се справат со моќта на турбо бензинецот, вградена е комплетната предна оска од Megane R.S. 275 Trophy-R. Оската е развивана според искуствата од рели-спортот и обезбедува прецизност во управувањето и тракција, воедно намалувајќи го влијанието на енормниот вртежен момент врз возните својства. Задната оска е зајакната со заварени попречни водилки и потекнува од Clio R3T, рели-верзијата на Clio R.S.

Од поголемиот брат Trophy-R потекнуваат и тркачките амортизери со двоен вентил и можност за дотерување и на повратниот и на работниот од. Тоа обезбедува тркалата брзо да воспостават контакт со подлогата при минување преку нерамнини на патот. Предните сопирачки дискови од 350 милиметри потекнуваат од Megane R.S. 275 Trophy-R, исто како и литиум-јонскиот акумулатор кој заштедува 15 килограми и ослободува дополнителен простор.

Задниот спојлер притиска со 40 килограми при 200 km/h

За сместување на тркалата од 19 инчи, техничарите ги отсекоа стандардните крила, додадоа проширување од композитен материјал и во истиот стил ги продолжија и праговите. Со тоа, ширината се зголеми за шест сантиметри. Друг впечатлив детал е задниот спојлер, кој потекнува од тркачите во Clio Cup и притиска со 40 килограми при брзина од 200 km/h.

Заради заштеда во тежината, задната клупа е отстранета, исто како и клима уредот. Спортските седишта ја обезбедуваат неопходната странична поддршка, во комбинација со безбедносни ремени со шест точки. Дополнителните светла со диодна техника потекнуваат од R.S. Vision и ја вршат функцијата на магленки, светло за свијоци, долго и позициско светло.

Бојата на каросеријата на Clio R.S. 16 се раководи според тркачкиот болид R.S.16, со когошто Renault годинава се враќа во кралицата на мотоспортот како фабрички тим. Основната сириус-жолта боја е комбинирана со покрив и маска во сјајна црна боја. Во истата боја се лакирани и бандажите Speedline Turini од 19 инчи, во контраст со црвени сопирачки клешти од Brembo.

[FAG id=24509]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Т1 стар шеесет години поскап од нов Porsche

Британската фабрика на Nissan произведува со струја од сонцето