Додека светот го напаѓа под американска иницијатива, Volkswagen продолжува со проширување на моделската понуда. На хибридниот Passat GTE никој не може да му забележи дека е нечист или мами.
Volkswagen ја проширува понудата во моделското семејство на Passat со верзијата GTE. Од минатата година, Volkswagen ја користи оваа кратенка за своите модели со плагин-хибриден систем, или поразбирливо, со батерии што може да се полнат и на обичен прикличок за струја. Passat е вториот сериски модел на германската марка со овој погон, по Golf GTE. Погонот го сочинува 1,4-литарски бензинец TSI со 156 КС, заедно со електромотор со 115 КС. Обата мотора даваат импресивна системска моќност од 219 КС.
Литиум-јонската батерија што го снабдува електромоторот со енергија се полни за време на возењето, меѓу другото и со повраток на енергијата при секое сопирање. По враќањето дома, Passat GTE може да се приклучи за полнење на батериите преку обичен домашен приклучок за струја. Наутро, на возачот му стојат на располагање до 50 километри возење само со енергијата во батериите, што одговара на целодневната тура на просечен возач. Во комбинирана хибридна работа на бензинецот и електромоторот, со 50-те литри бензин во резервоарот, Passat GTE може да совлада и до 1.100 километри без запирање за дополнување гориво.
Вообичаено за моделите GTE, хибридниот Passat однадвор се разликува по диодните дневни светла во форма на потковица, како и по сината лента што се протега по целата должина на маската. Посебни белези во внатрешноста се мерачот на моќност во таблата со инструменти, како и информацискиот систем, со дисплеј на когошто се прикажува актуелниот режим на работа на погонската спрега.
На списокот на опции се наоѓаат неколку интересни функции достапни преку мобилната апликација Car-Net e-Remote, за далечинско активирање на климата во кабината или за добивање информација каде возилото е паркирано. Продажбата на Passat GTE на германскиот пазар веќе стартуваше, со цена од 44.250 евра за лимузинската и 45.250 евра за комби изведбата Variant.
Технички податоци · Volkswagen Passat GTE
Мотор 4 цилиндри, бензински, директно впрскување, турбонатполнење, 1395 ccm, 156 КС при 5.000/min, вртежен момент 250 Nm при 1.500/min Електромотор 116 KС при 1.600/min Системска моќност 218 КС, системски вртежен момент (GTE boost) 400 Nm Батерија/полнење Литиум-јон, тежина на батерија 125 kg, број на ќелии 96, полнење AC 2,3 KW за 4,15 h (AC 3,6 kW за 2,3 h) Перформанси Крајна брзина 225 km/h, 0-100 km/h за 7,4 s Потрошувачка на гориво (комбинирана) 1,6 l/100 km Пренос на сила 6-степен менувач со двојна спојка DSG Големина на багажник 402/968 L, тежина 1.722 kg, дозволена тежина 2.200 kg, дозволена тежина на приколка 1.600 kg, резервоар 50 L
















