Јапонската марка Suzuki се подготвува за одбележување на еден век постоење во 2020 година. Тоа што марката ќе го прикаже во Токио е најава за автомобилите што дотогаш ќе станат дел од стандардната понуда.
Suzuki е подготвен за настап на 44-от салон на автомобили во Токио, кој се одржува од 30-ти октомври до 8-ми ноември. Темата на штандот е „Suzuki Next 100“, и како што може да се претпостави, станува збор за подготовка за одбележувањето на првото столетие постоење на јапонската марка специјалист за малечки возила и кросовери. Возилата што ќе бидат прикажани на штандот во Токио можат да станат дел од редовната понуда на Suzuki до 2020 година – а некои и пред тоа.
Преку цела серија од концептни автомобили, Suzuki ќе ја прикаже својата мајсторија да посредува задоволство и уживање во возењето на неговите модели. Меѓу концептните модели се истакнува Ignis, чијшто пазарен старт се очекува набрзо. Новиот Ignis ќе се позиционира во понудата на Suzuki како компактен кросовер и на салонот се појавува со конечната форма што моделот ќе ја има во сериското производство. „Малку“ поексцентричен е Mighty Deck, но токму тоа е целта на јапонската марка, да ја прикаже својата моќ и храброст да ги реинтерптерира воспоставените и здодеани стандарди во конструирањето на автомобилите.
Mighty Deck е мини наменето за забава, со платнен покрив и со отворена товарна платформа одзади, која може да се преместува заради различни намени. Концептот на градски автомобил и теренски автомобил во едно е замислен да ги охрабри возачите да преоѓаат меѓу контрастни ситуации: град и природа, дома и далеку од дома, работа и релаксација.
Air Triser е компактен миниван со три реда седишта и приспособлива внатрешност. Во мирување, седиштата може да се завртат едни кон други или да формираат потковица. За тоа време, патниците можат да се забавуваат со содржините во паметен телефон, следејќи ги истите на дисплеј по целата висина на кабината.
Ignis исто така прикажува способност да воспостави врска меѓу работното секојдневие во градот и меѓу релаксацијата во слободното време. Високото седење и големото растојание од подлогата нудат предности и во секојдневието, исто како и при возење по терен, за викендите да бидат шанса за уживање во природата. Со впечатлив дизајн и едноставен, но практичен ентериер, сериската верзија на Ignis секако ќе биде големо освежување во понудата на компактни кросовери.

Ignis-Trail Concept располага со уште поголема способност за теренско возење, со поголеми тркала и со заштита на арките на крилата, како дел од дизајнерскиот пакет со когошто се нагласува робусноста на возилото.
За првпат пред јапонската публика ќе биде претставен и моделот што претходно доживеа светска премиера во Франкфурт, новата генерација на Baleno, како конкурент во класата на Polo и Fiesta. Според Suzuki, новиот Baleno нуди рафинираност во „стилот, перформансите, штедливоста и во практичноста, кои се очекуваат од компактен автомобил и се интегрирани на возбудлив нов начин.“ Јапонците ветуваат многу простор за патниците и за багажот, за комфорно уживање во долги патувања. Премиера во Baleno доживува еднолитарскиот бензинец со директно впрскување и турбонатполнење, од генерацијата Boosterjet.
















