за

Volkswagen може да извлече 272 КС од еднолитарскиот TSI

Трајноста на новите генерации на смалени мотори со турбонатполнење честопати е предмет на сомнеж. Но, Volkswagen уверува дека границите на овие мотори не се достигнати ниту приближно.

Volkswagen претстави неколку нови мотори и погонски решенија на симпозиумот за мотори во Виена. На овој собир на најдобрите инженери од целата автомобилска бранша, гигантот од Волфсбург го прикажа комплетно новиот дволитарски бензинец со иновативна постапка на согорување којшто ќе има премиера во идната генерација на Audi A4, но и „екстремна“ верзија на актуелниот 1.0 TSI со моќност од дури 272 КС и вртежен момент од 270 њутнметри. Со тоа, Volkswagen ги побива сите сомнежи во актуелната генерација мотори „даунсајзинг“ во целата бранша, особено во поглед на потенцијалот со којшто располагаат истите, а со тоа директно и на нивната издржливост и трајност.

Оваа верзија на трицилиндарскиот 1.0 TSI има заеднички гени со блокот на 1,6-литарскиот мотор во Polo WRC и користи комбинација од класичен турбополнач и E-booster, односно турбополнач со електричен погон. Стандардната верзија на моторот 1.0 TSI моментно се вградува во Polo и CrossPolo, кадешто располага со моќност од 110 КС, како и во новиот Golf TSI BlueMotion, со 115 КС.

Електромагнетни сервомотори ги уништуваат вибрациите кај новиот W12 TSI

volkswagen w12 tsiВо Виена беше премиерно прикажан и новиот мотор за најпрестижните и најбрзите модели на Volkswagen, Audi и Bentley, шестлитарскиот W12 TSI. Моторот користи комбинација од директно и индиректно впрскување, цилиндерски кошулки со површински слој обработен со APS, систем за подмачкување оптимиран и за теренско возење, систем за ладење со интегриран термоменаџмент, Twin-Scroll битурбонатполнење, исклучување на цилиндри и две контролни единици за моторот. За максимален комфор во возење се користат приспособливи држачи на моторот со хидраулична амортизација и електромагнетни сервомотори коишто имаат функција да ги поништуваат вибрациите од моторот преку сопствени вибрации со спротивна фаза.

Инженерите на Volkswagen ветуваат дека новиот W12 TSI ќе биде и најштедлив дванаесетцилиндарец во луксузниот сегмент, со емисија на СО2 пониска од 250 g/km. Секако дека и следниве бројки се важни: Моќност од 608 КС при 6.000 вртежи во минута и вртежен момент од 900 њутнметри во подрачјето од 1.500 до 4.500 вртежи. Зависно од моделот во којшто ќе се вградува, новиот W12 TSI ќе овозможува забрзување до 100 km/h за помалку од четири секунди и крајна брзина од преку 300 километри на час.

volkswagen w12 tsi 608

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Петмилионски тест на Mercedes Actros: 10 % помалку гориво од конкурентите

Германец го купи својот 70-ти автомобил од марката Porsche