за

Audi RS5 TDI користи електрично турбонатполнење

Напонот од 48 волти ќе овозможи доволно струја и за „електрични“ турбокомпресори: Прототипот RS5 TDI на Audi, со мрежа од 48 волти

Баварците покажуваат дека има уште многу потенцијал во дизелите. Со електрично турбо, трилитарскиот V6 битурбо постигнува 385 КС место стандардните 313 КС.

Бројките одат во прилог на турбината со електричен погон: 385 КС и вртежен момент од 750 њутнметри, што е повеќе и од шестцилиндарскиот дизел на BMW, којшто со три турбополначи, од истата работна зафатнина од три литри постигнува 381 КС и 740 Nm.

Тајната на машината на Audi e електричниот компресор развиен од добавувачот Valeo, којшто реагира за време од 100 милисекунди и во времетраење до две секунди, при поаѓање и забрзување пумпа дополнителен воздух во коморите за согорување, постигнувајќи и до 70.000 вртежи во минута. На тој начин целосно се избегнува типичната слабост при поаѓање за турбомоторите, како и карактеристичната инертност на дизел моторите.

Моторот е сé уште во фаза на прототип и се тестира во RS5, кој стандардно вози со 4,2-литарски V8 со 420 КС. При поаѓање од место, прототипот може во првите десетина метри да се носи и со значително посилниот RS6. Инженерите на Audi успеаја да ги зголемат и вртежите на трилитарскиот TDI. Менувачот префрлува на 5.500 вртежи. Во кабината се дополнително поставени два звучника, со кои што RS5 TDI звучи како да вози со големиот бензинец.

Менувачот е осумстепен автоматик ZF-8HP. Сопствениот седумстепен менувач со двојна спојка на Audi не може да се носи со бруталниот вртежен момент на трилитарскиот дизел со електрична турбина. Перформансите се за пример: Спринтот до сто трае четири секунди, до 160 се доаѓа за 10 секунди, а до 200 за помалку од 16 секунди. Крајната брзина е преку 280 km/h. Потрошувачката е пониска во споредба со стандардниот битурбо V6, со помалку од пет литри на сто километри. Не толку мал технички предизвик е фактот што електричната турбина бара сопствена мрежа со напон од 48 волти.

Audi го вгради новиот мотор во RS5, но првото сериско вградување ќе се случи во големиот теренец Q7.Од реакциите на пазарот зависи дали дизелскиот мотор со 385 КС ќе се вградува во моделите со знакот RS. Во секој случај, тооа би одговарало на имиџот на технолошки предводник на Audi. Намерата со силниот V6 TDI не е да се замени осумцилиндарскиот дизел, кој во следната фаза од развојот ќе надмине 400 КС. Во игра останува и V10 TDI.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Десетте најстари модели во продажба

Викенд во духот на историјата во Еуроимпекс