За овој викенд ви подготвивме ранг листа на модели што со години не се предаваат и упорно остануваат во продажба. Најстариот модел е во продажба повеќе од четириесет години.
Автомобилската индустрија работи под знакот на прогресот. Производителите постојано бараат начин да ги подобрат своите модели и на тој начин да им обезбедат успешно продолжување на продажбата. Сé почесто се случува моделите да доживеат фејслифт по само две или три години од нивното претставување, а постојано се скусува и времетраењето на моделските генерации. Но, како и секогаш, постојат исклучоци.
Некои производители сметаат дека на нивните модели уште не им дошло време за замена и со мали освежувања им го продолжуваат опстојувањето на пазарот за неколку години. Така се случи Peugeot 205 да остане во продажба цели петнаесет години без поголеми промени во изгледот и во техниката. Постојат модели што сé уште го следат примерот на Peugeot 205, па дури и такви модели што постоеле уште пред, а и по францускиот култен автомобил. На списокот не ги земаме во предвид моделските освежувања, фејслифтите. Исклучок е Volkswagen Passat B6, којшто се појави во 2005 година, но со текот на годините тој претрпе толку драстични промени што веќе не може да се смета како модел од истата генерација. На списокот на десетте најстари модели во продажба не се најдоа Fiat Punto (2006), Fiat Bravo (2006) и Ford Mondeo (2007).
1. Land Rover Defender

Defender се појави во 1990 година, но официјално се работи за модел што дебитираше уште во 1971 година. Кога третата серија на Land Rover се појави на пазарот, не се работеше за ништо друго освен за промена на името во Defender. Обожувателите на специјализираната британска марка тврдат дека корените на моделот досегаат и до 1948 година, затоа што се видливи заедничките елементи со првиот воопшто модел на Land Rover. Секако дека на Defender му припаѓа првото место на списокот на десет најстари модели во продажба.
2. Mercedes G

Германскиот бруталист е присутен 35 години на пазарот. Mercedes го претстави моделот како возило за воени намени во 1979 година. Во 35-те години се сменија цела дузина мотори под хаубата, а ентериерот се дотерува постојано. Однадвор класата G и натаму го следи верно изгледот на моделот од 1979 година, иако во некои детали се носи со духот на времето.
3. Volvo XC90

Во минатава недела Швеѓаните го прикажаа изгледот на ентериерот на новата генерација на XC90. Големиот автомобил на Volvo издржа цели 12 години и сé уште изгледа одлично со малите и суптилни измени во текот на годините. Сосема е разбирливо што XC90 издржа толку години на пазарот.
4. Volkswagen Phaeton

Големиот Volkswagen постои уште од 2002 година. Едноставниот и ненападен изглед, вклучувајќи го и фејслифтот, овозможи Phaeton долго време да остане на патиштата. Бизнисменската лимузина доби нов нос во 2010 година, но тоа не смени многу во класичниот изглед на моделот.
5. Rolls-Royce Phantom

Rolls-Royce не е од оние марки што го менуваат дизајнерскиот правец на секои две години, па затоа и не изненадува тоа што актуелниот Phantom е меѓу нас веќе единаесет години. Строгиот дизајн со благороднички црти е комбиниран со модерни линии и тоа му обезбедува безвременска привлечност на овој суперпрестижен автомобил. Последното освежување речиси и не се забележува.
6. Renault Espace

Просторниот транспортер на Renault ротира веќе дванаесет години зад сонцето. Одвреме навреме ванот доживуваше освежување во изгледот и техниката, но тоа и натаму е истата генерација на моделот што имаше премиера во 2003 година. Полека доаѓа време и за наследникот, затоа што продажбата е опадната драстично. Во последната деценија, продажбата се смали за 94 проценти.
7. Aston Martin DB9

DB9 е највозбудливиот автомобил на овој список. И по десет години од стартот на продажбата, овој џентлмен во спортса облека уште изгледа примерно. Во 2012 година, Aston Martin му подари фејслифт на скапото купе.
8. Opel Corsa

Можеби ќе се изненадите што минале толку години, но актуелната Corsa е веќе во деветтата година на пазарот. Неколкуте освежувања го одржуваа моделот во живот и тоа помогна продажбата константно да се задржи на високо ниво. Со најавата на новата генерација, продажбата започна да опаѓа драстично. Новата Corsa ја очекуваме најдоцна за две години.
9. Volvo S80

Актуелниот S80 веќе осум години е во функција на знаменосец на Volvo. Помалиот брат S60 во минатото изгледаше исто како S80 пуштен на топла програма за перење, но затоа во актуелното издание е еден од највпечатливите возила на улиците. Лимузината уште го има истиот израз на лицето што Volvo го креираше во 2006 година. Тоа прави S80 да изгледа како отпадник покрај останатите модели на Volvo, но за традиционалнистите на шведската марка, тоа може и да не е толку лошо.
10. Ford Galaxy / S-Max

Најмладиот ветеран на списокот на десетте најстари модели во продажба е Ford Galaxy, заедно со неговиот спортски трениран близнак S-Max. Оваа генерација на големи ванови на Ford се продава уште од 2006 година. Во споредба со бројките од тоа време, денес одвај може да се каже дека Ford продава нешто од овие модели. Ford веќе ги најави наследниците, со концептниот автомобил S-Max Vignale.
















