за

VLF: За оваа марка допрва ќе се зборува

Десет цилиндри, изглед во којшто се отсликува секоја од 745-те коњски сили и потпис од човек што го создаде модерниот изглед на Aston Martin? Овојпат може да му успее на Хенрик Фискер.

Хенрик Фискер има постигнато доста работи во кариерата. Данскиот дизајнер прво го креираше безвременскиот BMW Z8, потоа им даде комплетно нов изглед на моделите на Aston Martin, за на крај да премине во калифорнискиот електро-специјалист Tesla Motors. Фискер не остана на тоа и реши да создаде сопствена марка автомобили со хибриден погон, Fisker. Марката се препелкаше извесно време, додека не падна под сопственост на кинески инвеститори.

vlf forde 1 v10Последниот обид на Фискер е фирмата VLF, основана заеднички од Жилбер Виљареал, Боб Луц и самиот Фискер. Постои причина зошто оваа контроверзна личност на автомобилската сцена се збогуваше со хибридниот погон и се префрли на моќни машини од класичен ков: „Не се јаде салата секој ден. Тоа станува здодевно. Мора некогаш да се изеде и стек.“

Малосерискиот производител VLF стартуваше лани и на годинешниов салон во Детроит настапува со спектакуларниот суперспортски автомобил Force 1 V10. Техниката потекнува од Dodge Viper, когошто Chrysler реши да го пензионира кон крајот на минатата година. Планот е од Force 1 V10 да се изработи серија од само 50 примероци и тимот потоа да се префрли на нов проект, на нов автомобил.

На Фискер во секој случај мора да му се признае дека си ја познава работата. Force 1 V10 навистина изгледа спектакуларно. Под бесконечно долгата хауба татни атмосферски мотор V10 со зафатнина од 8,4 литри и моќност од 745 КС. Како крајна брзина на двоседот со карбонска каросерија се наведуваат над 350 km/h, а спринтот до сто не трае подолго од три секунди. Покрај мануелниот менувач со шест степени, на располагање стои и шестстепен автоматик.

Малечката фирма под раководство на легендата Боб Луц, досега го привлекуваше вниманието со моделот Destino V8. Тоа е всушност Fisker Karma, но место електричниот модул и четирицилиндарецот со турбонатполнење е вграден осумцилиндарец од 6,2 литри. Спортската лимузина со овој мотор постигнува 320 km/h. Штотуку почнува испораката на првите возила, со цена од 229.000 долари. VLF очекува да продаде сто примероци од Destino.

Моментно, VLF Force 1 V10 е моделот што ѝ носи популарност на оваа малосериска работилница. Фискер открива дека Force 1 V10 е развиен за само шест месеци. Производството се одвива рачно, во работилница што е оддалечена околу еден час возење од Детроит. Првите готови примероци од Force 1 V10 ќе бидат испорачани во текот на летото. За автомобил од ваков ков секако дека е мошне „одмерена“ цената од 268.500 долари. Производството на еден примерок во почетокот ќе трае околу пет недели, со план истото да се скуси на две до три недели.

Во Европа постојат голем број марки што произведуваат возила со цена од над 200.000 долари, но не и во САД. Тоа е шанса за VLF, којашто се смета како прва „бутик луксузна марка“. Засега на Фискер одлично му успева бизнисот. Планот е наскоро да се понуди следниот модел во класата на цени над 200.000 долари. Може да се претпостави од кој сегмент ќе биде следниот модел. VLF работи на луксузен теренец кој не само што ке им конкурира на Bentley Bentayga и Range Rover, туку и ќе се обиде да ги надмине.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Škoda со рекордна продажба од над еден милион возила

Fiat им плаќал на дилерите да пријавуваат лажна продажба