Претседателот на САД, Доналд Трамп, повикува на бојкот на американскиот производител на гуми Goodyear, со образложение дека компанијата ги запоставува неговите следбеници. Фирмата ги забранила капите со неговиот слоган „Make America Great Again“, објави тој на твитер. Гумите Goodyear на неговата претседателска лимузина исто така ќе бидат заменети со производи од друг американски производител.
Причина за овој радикален чекор на Трамп биле објавите во медиумите, за обука во фабриката на Goodyear во сојузната држава Канзас, на којашто облеката со слоганот на Трамп била квалификувана како „неприфатлива“. Тој го користеше MAGA-слоганот уште на изборите во 2016 година.
Според фотографијата од презентациски слајд со логото на Goodyear што е објавена на интернет, на обуката биле дозволени симболи на движењето „Black Lives Matter“, коешто се бори против полициското насилство кон црнците, а исто и симболи на „Pride“ за толеранција кон сексуалните малцинства. Наспроти тоа, забранета била облека со слоганите на „Blue Lives Matter“, за подршка на полицијата, како и на движењето „All Lives Matter“, што аргументира дека не треба посебно да се нагласува расизмот против црнците.
„Купете подобри гуми за помалку пари!“, пишува Трамп на твитер. На мрежата во меѓувреме масовно се објавуваат фотографии, на коишто се гледа натписот Goodyear на гумите на претседателската лимузина. Станува збор за гуми со специјална конструкција, што се развиени посебно за „ѕверот“, како што е прекарот на возилото. Токму поради тоа, овие гуми не може брзо да се заменат со гуми од друг вид.
Трамп се залага за заштита на американската економија
Goodyear е американска компанија со седиште во сојузната држава Охајо со повеќе од 60.000 вработени. Компанијата излезе со соопштение во коешто се наведува дека од вработените генерално се бара да не користат слогани за поддршка на политичките партии и на разни кампањи. Во исто време се дозволува залагање за еднаквост и против расистички мотивирана неправедност.
Компанијата соопшти и дека во случајот на презентацискиот слајд со лого на Goodyear не се работи за материјал што е изработен или дистрибуиран од страна на концернот. Вредноста на акциите на Goodyear прво падна нагло за два проценти по објавата на Трамп, за брзо потоа да се врати на претходното ниво.
Don’t buy GOODYEAR TIRES – They announced a BAN ON MAGA HATS. Get better tires for far less! (This is what the Radical Left Democrats do. Two can play the same game, and we have to start playing it now!).
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) August 19, 2020