Трет месец во низа, Toyota ги надминува првичните предвидувања. Јапонската автомобилска компанија во минатиот месец произвела 771.382 возила во својот глобален производствен синџир, за близу четвртина повеќе отколку лани во октомври.
Производството во Toyota се враќа во полн обем, меѓутоа уште го нема надминато септемврискиот рекорд, кога беа произведени повеќе од 887.000 возила. Причината што јапонскиот примус уште не ги надминува достигнувањата од пред пандемијата, лежи во фактот што Кина повторно се соочува со прекини во синџирот на снабдување. Овие прекини се предизвикани од новиот бран на ковид и масовните затворања и обуставувања што произлегуваат од тоа, како резултат на строгата политика на земјата во поглед на ковид.
Од тие причини, Toyota мора да изврши корекции во планираното производство во Кина. Во почетокот на месецот, Toyota ги намали предвидувањата за вкупната продукција годинава, додека се соочува со драстични поскапувања на материјалите и со веќе хроничниот недостиг од микрочипови за целата автомобилска бранша.
Менаџер на Toyota, одговорен за набавките, цени дека глобалниот недостиг од микрочипови за фабриките за автомобили и компоненти за нив ќе продолжи. Производителите на микрочипови им даваат предност на компаниите што произведуваат потрошувачка електроника. Во исто време, природните непогоди, затворањата поради ковид и нередовната работа на фабриките го забавуваат заздравувањето на испораката на микрочипови до автомобилските фабрики.
Toyota очекува во тековната фискална година, што завршува во март 2023, да произведе 9,2 милиони возила. Тоа е под првичните предвидувања за продукција од 9,7 милиони возила, но уште е далеку над 8,6 милиони возила што беа произведени во минатата фискална година.
Тест · Toyota Corolla GR Sport : Кого уште засега колку троши хибрид?