за

Тест · Toyota Corolla GR Sport : Кого уште засега колку троши хибрид?

Тоа е прашањето што автомобилскиот свет и сé околу го засега најмалку. По толку години, излезе дека хибридот се вози заради уживање во возењето. Затоа, спортска Corolla, со многу смисла.

Доколку во хибридниот погон на Toyota беше сé до штедењето, тој веќе одамна ќе му здодееше на светот. Во време кога целата сцена зборува за електрични автомобили, Toyota продолжува со својот тојота-хибрид и со него постигнува близу три четвртини од продажбата во Европа. Екстра квалитет на хибридот е неговата многустраност. Колку што тој е штедлив и комотен, толку може да биде и спортски. Оваа Toyota Corolla GR Sport на тест, од стандардната се разликува само во стилот и во опремата, а разликата пак е огромна.

Марката со хибридите е воедно и марка што има најголемо право да се повикува на мотоспортот. Toyota Yaris, на пример, може да биде и класичен бензинец, во улога на верна придружничка во секојдневието, може да биде и престижен хибрид во светот на градските автомобили, а може да биде и чистокрвен тркачки GR Yaris, со 261 КС, погон на сите тркала и покрив од карбон.

GR е големо „име“ во светот на автомобилите и доаѓа од Gazoo Racing, одделението за мотоспорт на Toyota. Марката зад трите кругови што формираат буква T, моментно вози во светското првенство во рели WRC, во светското првенство во трки во издржливост WEC, и секако, по пустините на првенството во рели-рајд W2RC. Toyota не само што се трка, туку и победува: Трикратна победа во WRC 2001, четири последувателни победи на 24 часа Леман, победа на последниот Рели Дакар. Затоа значи многу, кога Toyota на своите автомобили ќе им постави ознака GR.

Постои разлика, каде стои GR во ознаката на моделот. Ако GR е пред името на моделската серија, како што е случај со GR Yaris, GR Supra, GR86, тогаш станува збор за бескомпромисни тркачки модели со високи перформанси и соодветно унапредени возни својства. Тука се „игра“ со моќност од 261 до 340 КС. Доколку GR е по името на моделската серија, тогаш добива и додаток Sport, па во салон ќе ве разберат кога ќе им кажете дека сакате Corolla GR Sport, Yaris GR Sport, C-HR GR Sport или дури и Hilux, а наскоро и RAV4 и Yaris Cross со истата ознака. Постои уште еден GR-модел, и тоа токму GR Corolla, меѓутоа моделот засега се продава само во СО2-неопседнатата САД.

Ексклузивноста на Corolla GR Sport почнува уште од бојата на каросеријата

За своите модели GR Sport, Toyota вели дека тие се инспирирани од GAZOO RACING и внесуваат повеќе динамика во секојдневието: „Секој модел е конструиран со големо внимание и соединува единствен, атлетски дизајн, со спортска внатрешност и квалитетна опрема.“ Тоа е само рутински, службен начин, да се опише GR Sport. Лимузинава, прво, лакирана е во ексклузивната боја за GR Sport, а тоа е динамик сива металик. Следно се забележува дизајнот на тркалата, поточно изработката. Тие се уште една ексклузивност на спортската Corolla, прво лакирани во сјајна црна боја, а потоа „поминати“ на струг со дијамантски врв на ножот, за да се добие таа здрава метална боја во завршетоците на краците. На втор поглед се забележува и дека тркалата имаат два различни дизајни на краците. Згодно.

Секако дека црвениот прстен во средината не смее да отсуствува. Форматот на гумите, исто така е пораскошен во споредба со топ-нивото Executive. Оваа Corolla вози со гуми 225/45R17. Вешти и ненападни зафати во стилот прават спортската изведба да се разликува од стандардната. Во основа, сé што кај елегантната Corolla Executive е хромирано или е оставено нелакирано во темносива боја, кај Corolla GR Sport е лакирано во сјајна темна црна боја. Тоа важи за ефектните српови под предните светла, маската, рамките на прозорците, ретровизорите, преодот меѓу страничните прозорци во предните и задните врати. Ефектно е додадена и тенка црна лајсна во завршетокот на вратите. Истата шема важи и за опашот, каде што лајсната меѓу светлата е сјајно црна, место хромирана. Врв на вкусот е речиси незабежливиот спојлер врз поклопецот на багажникот.

Натписот GR Sport не остава простор за сомневање околу моделот. Логото напред и назад исто така е изведено во посебен стил, со црна место вообичаената сина заднина. Затемнетите задни стакла исто додаваат посебност на моделот. Сложениот „внатрешен живот“ во диодните предни светла исто открива дека станува збор за Gazoo Racing.

Изработката во внатрешноста покажува најверно: GR Sport е ниво за љубители на автомобили и на автомобилизмот

Внатрешноста пречекува со прагови со знакот на GR Sport, со финиот манир што знакот не е само гравиран, туку е применет верно, во „вардарската“ црвено-црна комбинација. Исполираните линии над мат-основата на прагот внесуваат благородност и упатуваат дека ова не е евтин гаражен тјунинг. Тоа е вистинската најава. Воланот има штепови во црвена боја, има перфорирани делови и греење. Седиштата се спортски, нормално со совршена ергономија и солидна странична поддршка. Повеќе остава впечаток изработката, отколку фактот колку „образите“ на седиштата се надувани. Страниците се обложени со вештачка кожа, потоа има светла површина на преодот кон средината на седиштето, и штепови во црвена и бела боја, изведени со занаетчиски квалитет. Платното е стегнато и издржливо, изработката е врвна, сé е примерно, како што доликува за спортски модел. Тоа се моделски изведби што ги избираат познавачи и љубители на автомобилизмот, не значи дека клиентите на Corolla GR Sport веднаш ќе појдат на тркачка патека.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Најголемата новина е дисплејот од 8 инчи, поточно сменетата графика. Тука има голема историја. Самиот дисплеј поставен во средината, и начинот на којшто беа прикажувани информациите во него, влечат корени уште од времето на Prius. Во времето на милениумскот преод, хибридниот погон беше ексклузива дури и во Toyota. Погонот со две срца долго време беше достапен единствено во Prius, модел со сосем различен стил од стандардната гамата на Toyota и со нагласено клинеста форма на каросеријата. Тогаш уште беше доживување и „филм“ да се гледа како функционира хибридниот погон додека се вози. Таа графика е вреден дел од историјата и менаџерите со цел не го менуваа дизајнот. Сега во време кога сите автомобили имаат голем средишен дисплеј, со безброј функционалност, нормално дека и во Toyota мораше да се смени таа графика. Системот се води како Toyota Touch 2 и вклучува и навигација преку податочен облак, со бесплатно ажурурање во следните четири години.

На бела основа, со висока резолуција и со главна сина боја на којашто жените ѝ го знаат името, прегледноста на дисплејот е шампионска. Тука се покажува искуството на Toyota. На сопствениците на модел на јапонската марка можеби ќе им биде сложено да се снајдат со новиот начин на движење низ менито, меѓутоа што и да е направено кај оваа марка, со причина е направено. Уште една новина околу инфо-забавниот систем е поддршката за Apple CarPlay (без кабел) и Android Auto (со кабел).

Чувството кога ќе се седне во Corolla е исто како кога човек ќе се врати дома

Прашањето е како изгледа повторно да се седне во Corolla, по три години од големото еко-возење низ цела Македонија, во должина од близу 800 километри, кога со истата погонска конфигурација постигнавме 3,8 литри просек. Една од ретките лимузини во класата и фактички конкурентка на Skoda Octavia, уште неколку пати беше на тест возење во редакцијата, меѓутоа во изминатава година се појавија неколку важни моделски новитети, коишто внесоа извесни промени во конкуренцијата. А, впечатокот по седнувањето во Corolla: Тука човек се чувствува исто како кога ќе се врати дома. Сé е познато, сé e свое место, никаде не запнува.

Чувството на просторност исто така ја двои Toyota Corolla од повеќето модели во класата. Страничните прозорци и ветробранот завршуваат ниско и далеку напред, без да ја попречуваат прегледноста, предните столбови исто така не одземаат премногу од видното поле. Генерално, човек се чувствува пријатно и релаксирано зад воланот во Corolla.

Возењето е традиционално тивко, подвозјето работи способно и удобно, простор има на сите места. И нормално, хибридниот погон. Дизел моторот веќе си заминува од автомобилите, хибридот прераснува во нов стандард – некои коментираат дека хибридот е замена за дизелот, меѓутоа таквото тврдење е малку невешто, затоа што хибридот е неколку категории на технолошка зрелост над дизелот. Хибридниот погон ќе работи во сé повеќе модели, од сé повеќе марки. Изборот на хибриден погон, станува сосем вообичаена одлука. По сите овие години, не останало прашањето дали погонот е добар и дали е делотворен.

Совршенството во соиграноста на електромоторот, моторот, менувачот, прави луѓето да го сакаат хибридниот погон

Среќното поглавје на Toyota со хибридниот погон ќе продолжи, затоа што искуството се огледува во начинот на којшто вози оваа хибридна Corolla – и секој друг модел со трите елипси. Сé e спонтано и природно. Кога ќе се притисне врз педалот за гас, погонот реагира точно според движењето. Човек не мора да се коригира на следниот семафор и да внимава дали можеби притиснал премногу или преслабо врз гасот. Силината со којашто повлекува погонската спрега од електромоторот со 53 kW (72 КС) и 1,8-литарскиот бензинец со 98 КС, посредува пријатно чувство. Corolla забрзува рамномерно, без напрегање, а во меѓувреме и завивањето од CVT-менувачот при притискање до крај, престана да им биде тема на противниците на нешто понапредно од TDI и на коментатори „мојот дизел троши три литри“.

Овој тест повторно нé доведе до истиот заклучок, дека хибридниот погон ни се допаѓа главно поради чувството во возење и поради различната возачка „мисија“, а дури потоа поради штедењето. Тоа е едноставно придружен ефект, што и да се направи, овој автомобил пак ќе остане штедлив. Прашањето околу просекот на тестот е сосем релативно. Со Toyota Corolla Hybrid, па дури и да е GR Sport, може да се вози нагласено економично, и на отворен пат да се постигне тројка пред запирката. Но, со неа може да се вози и нагласено спортски, со таа разлика што место 10 литри, како обичен бензинец, таа пак ќе остане меѓу шест и седум литри. Тоа е ефектот од хибридниот погон и затоа им се допаѓа на луѓето.

Дали Corolla може да постигне натпросечна возна динамика, за името GR Sport да ѝ прилега вистински? Одговорот на тоа прашање е стар исто колку платформата TNGA. Денешните модели на Toyota возат многу „поангажирано“ и подинамично, во споредба со моделите во времето кога се веруваше повеќе, дека љубителите на марката се традиционалисти и конзервативни во изборот.

Опременоста, изработката, квалитетот, практичноста, функционалноста, тоа се дисциплини што марката и моделот ги совладуваат рутински. Нема тајни околу овој автомобил, уште помалку околу актуелната генерација Е210, од којашто до денес сигурно се пласирани повеќе од 1.000 примероци на македонскиот пазар.

GR Sport им прави „услуга“ на моделските изведби во почетокот на гамата на Toyota Corolla

Цената е „Украина, чип-криза, ковид, проблематични синџири од добавувачите“, за целата бранша, глобално. Редовната цена за Corolla GR Sport изнесува 30.090 евра. Во споредба со директорското топ-ниво Executive, што чини 26.890 евра, спортскиот модел располага дополнително со диодни предни светла, „тјунерски“ тркала од 17 инчи, паркинг сензори напред и назад, спортски седишта, греење на волан, понапреден инфо-забавен систем Toyota Тouch 2, плус сите детали што го сочинуваат спортското во GR Sport. A, бидејќи Corolla е Corolla и без Hybrid, ценовникот почнува со нивото Business, со 1,5-литарски бензинец со 125 КС, за 21.990 евра.

Сите технички податоци за Toyota Corolla Sedan GR Sport може да се погледнат во нашиот онлајн каталог АВТОСАЛОН.МК, со сите модели на автомобили што се нудат на македонскиот пазар и со можност за споредба на модели од различни марки

https://avtosalon.mk/listings/toyota-corolla-gr-sport-sedan/

Врска до моделската страница за Toyota Corolla Sedan на Тојота Авто Центар

https://www.toyota.com.mk/model/corolla-sedan/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Great Wall Motor голема ѕвезда во Париз со марките Wey и Ora

Електричен Mercedes eActros се искачи на 1.800 метри во Тирол