за

Електричен Mercedes eActros се искачи на 1.800 метри во Тирол

Електричен влекач Mercedes-Benz eActros ги искачи своите 40 тони преку прочуениот превој Арлберг во австриски Тирол.

Успешно мина тестирањето коешто имаше за цел да докаже дека електричниот Mercedes-Benz eActros е способен да совлада предизвикувачки планински рути. Растојание во должина од 111 километри, преку Блуденц, Штубен, Ст. Антон и Лех, вклучувајќи и искачување преку превојот Арлберг, влекачот ги мина без потреба од запирање за батериите да се дополнат.

Mercedes-Benz eActros во верзија на влекач за полуприколка, неодамна ја доживеа својата премиера на салонот за товарни возила во Хановер. Во моментов се одвива серија тестови, коишто треба да ги уверат компаниите со големи возни паркови, дека eActros е способен да мине најпредизвикувачки рути, како што е искачување преку превојот Арлберг во Австрија.

Камионот ја извозе турата под полна натовареност, односно со вкупна тежина од 40 тони. Тестовите во Тирол опфаќаа возење по рута долга 111 километри, преку Блуденц, Штубен, Ст. Антон и Лех, на висини и до 1.800 метри. Целта на техничарите беше да ги докажат моќноста и истрајноста на eActros. Посебно тежиште беше ставено на повратокот на енергијата по пат на рекуперација. Тоа е посебноста на електричниот погон, што посебно доаѓа до израз во алпската топографија на Тирол.

При рекуперацијата, енергијата што се создава при сопирањето се враќа во батеријата на eActros и таа енергија стои на располагање за погонот. Тестирањето покажа дека електричниот влекач преку рекуперација врати 180 киловатчасови енергија. На крајот на турата, батеријата имаше наполнетост од 40 проценти.

Штина Фагерман, раководителка за продажба, маркетинг и сервис во Mercedes-Benz Trucks, зборува за успехот: „eActros 300 во варијанта на влекач ги проширува можностите за примена на eActros во услови на дистрибуција на тежок товар. Обемните тестови во Австрија покажаа дека нашиот електричен камион може сигурно да ги исполни своите задачи, дури и во посебно предизвикувачката топографија со исклучителни нагорнини и надолнини“.

Електричниот Mercedes-Benz eActros со своите 40 тони со товар искачи нагорнина од 13 проценти

На тестирањето, електричниот влекач совлада во искачување висина од вкупно 2.300 метри. Најголемата нагорнина изнесува 13 проценти. Батериите на влечачот при тестирањата во регионот се полнеа само на јавно достапни полначи. Планот е испораките на влекачот eActros 300 да стартуваат во втората половина од следната година.

New item by Automedia MK / Google Photos

Пред стартот со сериското производство на стандардниот eActros во фабриката во Верт на Рајна, во октомври 2021 година, Mercedes-Benz Trucks го стави електричниот камион на секакви тестови. Прототипите возеа и по Алпите во делот на јужен Тирол, совладувајќи вкупно 54.000 метри во искачување. Највисокиот врв што го искачи eActros е глечерот Каунерталер, на 2.750 метри. Во шпанска Гранада се возеше на температури до 45°C, за потоа да следат тестови во Поларниот Појас, во финско Рованиеми, на температури до -25°C.

Моделската изведба на eActros 300 како влекач за полуприколка е конструирана за да ги влече сите полуприколки што во моментов се нудат во Европа. Погонот е ист како во eActros 300/400. Трите батериски пакети од по 112 kWh инсталиран капацитет дозволуваат досег до 220 km. Технолошкото јадро на електричниот камион е погонската единица, што се состои од електрична крута оска со два интегрирани електромотори и двостепен менувач. Двата електромотори со водено ладење создаваат трајна моќност од 330 kW и максимална моќност од 400 kW. Батеријата може да се полни со моќност до 160 kW. На брз полнач со 400 A, трите батерии се полнат од 20 до 80 проценти за нешто повеќе од 1 час.

Батерија од 420 kWh и електромотор од 400 kW за Mercedes eActros

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · Toyota Corolla GR Sport : Кого уште засега колку троши хибрид?

Фабриката за Москвич почнува со производство во декември