за

Lancia најавува враќање, нов Ypsilon во 2024 година

Идните модели на Lancia ќе имаат препознатлив дизајнерски јазик „Pu+Ra“, а првиот модел што ќе го прикаже новиот изглед е Ypsilon, најавен за 2024 година.

До првиот нов модел на Lancia, како марка што сега е дел од поголемиот концерн Stellantis, останува повеќе од една година, но италијанската марка веќе има дизајнирано три нови модели, коишто имаат задача на Lancia да ѝ обезбедат место во премиум сегментот.

Изгледот на трите нови модели што ги најавува Lancia не се прикажува, место тоа се навестуваат само клучните елементи во дизајнот, што ќе бидат заеднички за идната гама од модели. Сите овие елементи се содржани во макетата, во којашто се воочуваат начелата на дизајнот наречен Pu+Ra, кованица што ги содржи зборовите „pure“ и „radical“. Оттука може да се очекува дека дизајнот ќе биде радикален во едноставноста. За вештината на дизајнерите од италијанската школа секако не смее да постои сомневање.

„Сакавме да покажеме дека Lancia може да биде верна на своите корени, без да мора да избира меѓу исконско и радикално, понудувајќи ги двете нешта, во нашиот дизајнерски говор Pu+Ra”, изјави извршниот директор Лука Наполитано на настанот за медиуми во Торино.

Жан Пјер Плуи, главниот дизајнер на Stellantis и воедно шеф за дизајн во Lancia, посочи на два концептни автомобили од Bertone, на прочуената Lancia Stratos Zero од 1970 и на Alfa Romeo Carabo од 1968 година, како модели од коишто се црпи инспирацијата.

Во формите на макетата Pu+Ra Zero се препознава инспирацијата од Stratos Zero. Тоа важи посебно за новиот дизајнерски печат на носот, на новото лого што се прикажува во делот на задните столбови и на тркалезните задни светла, по углед на сериската Lancia Stratos, којашто стартуваше со производство во 1973 година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

„Тоа се сите клучни елементи што ќе ги најдете во идниот Ypsilon,“ посочи Плуи.

Идните модели на Lancia ќе поседуваат светлечка лента во форма на Y, по чијашто должина ќе биде испишано името Lancia, во новиот фонт на марката, со буквата A што изгледа како превртено V.

Три нови модели на Lancia до 2028 година

Наполитано посочи дека Lancia ги дизајнира трите идни модели истовремено. На тој начин се гарантира дека трите модели ќе бидат максимално верни на визуелната препознатливост на дизајнерскиот јазик Pu+Ra.

Lancia моментно има само еден модел, градскиот луксузен автомобил Ypsilon, што се продава само во Италија и се продава добро. Марката е дел од групата премиум марки на концернот Stellantis, заедно со Alfa Romeo и DS.

Новиот Ypsilon ќе биде пуштен во почетокот на 2024 година, во форма на градски автомобил со пет врати. Тоа ќе биде прв модел на Lancia што ќе биде достапен во верзија со целосно електричен погон, а воедно и последен модел што исто така ќе се нуди во верзија со обични мотори.

Следен ќе биде модел од средната класа, што ќе се произведува единствено во електрична изведба. Наполитано кажа дека дизајнот на овој модел претрпел промени од појдовната замисла и повеќе не се смета како наследник на Aurelia. Тоа име го носеа легендарните модели на Lancia, што се нудеа во 1950-те години, во лимузинска, купе и спајдер изведба.

Третиот нов модел ќе го носи името Delta и ќе биде компакт со чисто електричен погон, што ќе биде понуден во 2028 година. Иако има уште пет години до тогаш, дизајнот веќе е заклучен, затоа што „сите во Lancia Design сакаа да ја нацртаат новата Delta”, објаснува Наполитано.

Новото лого на Lancia содржи знаме, круг (означува волан) и копје – името на марката и презиме на основачот Винченцо Ланчиа, доаѓа од италијанскиот збор за копје.

Историски модели на Fiat, Lancia, Abarth добија цела фабричка хала во Торино

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW вложува повеќе од 2 милијарди евра во фабриката во Унгарија

Toyota во октомври произвела 23% повеќе возила отколку лани