Групацијата BMW дополнително ќе подигне и фабрика за производство на батерии, во кругот на новата фабрика во Унгарија. Батериите ќе се вградуваат прво во возилата од Neuen Klasse, во „новата класа“ на Баварците.
Уште 500 нови работни места и вкупна инвестиција од преку 2 милијарди долари до 2025 година, во фабриката на групацијата BMW во Дебрецин, Унгарија.
Милан Недељковиќ, директор за производство во BMW AG, кажува: „Во Дебрецин се гради најсовремената фабрија во светот. Со нашата iFACTORY, тука поставуваме нови индустриски стандарди во производството на автомобили.“
Унгарските власти исто така ги поздравуваат дополнителните вложувања на германскиот производител во фабриката. Петер Сијарто, министер за надворешни работи и трговија на Унгарија, коментира: „Фабриката на групацијата BMW во Дебрецин е знак за успешната унгарска економска политика во последните дванаесет години.“
Производството на високонапонски батерии ќе се одвива во кругот на фабриката во Дебрецин, чијашто изградба започна пред околу шест месеци. Станува збор за тркалезни батериски ќелии од 6-та генерација, што ќе стартуваат со производство во исто време со стартот на производството на моделите од „новата класа“ на BMW. Батерии ќе се произведуваат на површина од преку 140.000 метри квадратни.
Со новата генерација батерии, времетраењето на полнењето се скусува за околу 30 проценти, додека во исто време и досегот се зголемува за околу 30 проценти. Големо внимание се посветува во рециклирањето. Кобалтот, литиумот и никелот за батериите, ќе доаѓаат како секундарен материјал, што значи дека ќе се користат материјали што веќе се дел од екосистемот. Покрај тоа, енергијата за производство на батериите ќе потекнува исклучиво од обновливи извори.