за

BMW M2 нов и верен на традицијата

На фановите на BMW не им е лесно, покрај гигантски бубрези, модели со преден погон и попречно вграден мотор и чудно дизајниран iX. Има надеж, новиот M2 е добар стар BMW.

Во април в година ќе има метеж во салоните на BMW, откако таму ќе пристигне новиот BMW M2. Спортскиот модел во којшто многумина гледаат вистински наследник на идејата на првиот M3 и продолжение на 1 M Coupe, поскапува за преку 10.000 евра. Цената на моделот со 460 КС во Германија изнесува над 70.000 евра.

Од многуте добри вести што ги носи BMW M2 од генерацијата G87, прво веста дека каросеријата порасна незначително. За порастот повеќе е заслужна основата за M2, отколку потребата за поголема каросерија при изведувањето на екстремниот спортски модел. Компактниот тркач се базира врз платформата CLAR, заедничка со поголемите модели. Со своите 4,58 метри, новиот M2 сепак е за добри 20 сантиметри покус од M4.

Жабрите што сe обележје на M, повеќе не се забележуваат во предните крила на M2. Доволно е тоа што каросеријата е поширока за 3,3 сантиметри во споредба со претходникот и мери вкупно 1,89 метар. Појавата на спортскиот модел убедува во неговите моќи, со строгата форма на бубрезите и со речиси квадратните отвори за воздух во браникот. Впечатливо е изведен и масивниот отвор за воздух под регистерската таблица.

Светлата имаат сменета форма во споредба со купето од серијата 2. Посебен печат ставаат и трите хоризонтални лајсни што минуваат низ бубрезите. Отстрана се забележуваат проширените крила и праговите што се моќно нагласени. Новиот M2 вози стандардно со тркала од 19 инчи напред и 20 инчи назад, со гуми со димензија 275/35, односно 285/30. Кој цени дека на тоа треба да се додаде уште, може да посегне по тркалата од понудата на M Performance, коишто се поголеми за по еден инч. Сопирачките се преземени од М3 и од M4, со таа разлика што во двојката нема да се нудат карбон-керамички сопирачки.

Висината е скусена за 10 милиметри во споредба со претходникот и тоа прави силуетата на M2 да изгледа уште поагресивно. Во најдобриот манир на M GmbH, назад татнат четири издувни цевки и браник што ги следи коцкестите форми од предниот браник.

New item by Automedia MK / Google Photos

Дебело обложениот волан со црвени М-копчиња е воспоставен стандард, исто како и заоблениот дисплеј што се состои од дигитален кокпит од 12,3 инчи и средишен дисплеј од 14,9 инчи. Графиката е позната од останатите М-модели.

Новина во M2 се „Drift-Analyzer“ и „Laptimer“, заедно со режимите на возење Road, Sport, Track и програмабилниот M Mode. Во последниов режим возачот ги приспособува моторот, подвозјето, сопирачките, управувањето и контролата на тракција според потребите и желбите.

New item by Automedia MK / Google Photos

Карбонските седишта се опција, и покрај тоа што изгледаат диво, се одликуваат со одлична странична поддршка, врвна ергономија и со ниско седење. Секако, главната идеја е со нив да се заштедат 5,4 килограми во тежината. Опција без доплата е во возилото да се вградат стандардни, место спортски M-седишта.

Најважната гаранција во BMW M2 важи за уживањето во возење. Под хаубата работи новиот S58, со три литри зафатнина и шест цилиндри во линија, во најдобрата традиција на BMW. Тоа е моторот од M3 и M4. Место 460 КС, таму моторот располага со 480 КС, односно 510 КС во верзијата Competition. Вртежниот момент од 550 Nm се пренесува до задната оска преку мануелен менувач со 6 степени. Опција е познатиот осумстепен автоматик од ZF. Верзија со погон на сите тркала xDrive, како што е случај кај M3 и M4, не е планирана.

New item by Automedia MK / Google Photos

Со тежина од 1.700 килограми, M2 не е меѓу најлесните автомобили, меѓутоа разликата во споредба со поголемиот M4 изнесува 75 килограми. Таа тежинска предност се огледува во перформансите. Спринтот до темпо сто трае 4,3 секунди, односно две десетинки покусо со автоматикот. Десет секунди подоцна, BMW M2 веќе вози со темпо 200. Крајната брзина е ограничена на 250, со доплата за M Drivers Package може да се постигне до 285 km/h.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

BMW M2 ќе биде последен модел на M GmbH без електромотор во погонот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot како на домашен терен на Салонот во Париз

Расте продажбата на Mercedes-Benz