за

Toyota очекува раст во 2023, инфлацијата ги загрижува

Европскиот шеф на Toyota, Мет Харисон, очекува втората генерација на C-HR и вториот модел од „електричното“ семејство bZ да донесат раст во продажбата в година.

Toyota очекува да ја заврши годинава со зголемена продажба на европскиот пазар, а во истата насока се и очекувањата за следната година. Големата неизвесност на повеќе полиња спречува компанијата да постави еднозначни цели за 2023 година. Тоа го изјави директорот на Toyota во Европа, Мет Харисон.

Toyota има рекорден број на нарачки и ќе влезе во 2023 година со целосно исполнет план за испорака на возила во следните шест месеци. Харисон цени дека највисоката стапка на инфлација во последните три децении би можела да предизвика слабеење на побарувачката, додека од друга страна, поскапените трошоци за производство веќе влијаат врз профитабилноста на компанијата.

Првиот човек на Toyota Europe сепак укажува дека компанијата покажа висока отпорност на предизвиците што ги носи денешницата. Toyota и Lexus, на вкупно 53 пазари на коишто се продаваат возилата од двете марки во Европа, вклучувајќи ги Турција, Израел и Русија, годинава се очекува да достигнат продажба од близу 1,1 милион примероци, во споредба со 1,08 милион лани.

Овој раст, во време кога целиот европски автомобилски пазар, до октомври заостанува 12 проценти зад продажбата во истиот период лани, на Toyota ќе ѝ донесе зголемен пазарен удел. Со 7,3 проценти, Toyota ќе биде за 0,9 процентен бод подобра од лани и со тоа ќе ја достигне целта што претходно беше планирана дури за 2025 година. Тоа го изјави Харисон во интервју за европското издание на индустрискиот гласник Аутомотив Њуз, во минатата седмица, за време на редовниот годишен собир „кеншики“, што се одржуваше во Брисел.

Toyota ќе пушти на пазарот во Европа уште 5 чисто електрични модели до 2026 година

„Во поглед на очекувањата за 2023 година, поради неизвесноста во снабдувањето, не би можел да дадам точно предвидување за продажбата – но, можам да кажам дека очекуваме да продолжи растот во продажбата и во пазарниот удел“, изјави Харисон.

Директорот кажа дека Toyota влегува во следната година со 560.000 потпишани договори за продажба на возила, што одговара на продажба од околу шест месеци. Ова темпо на нарачки било „прилично стабилно“ во последните месеци, со голема побарувачка за новите модели, како што се Yaris Cross и Aygo X, коишто помагаат да се надминат долгорајните и непредвдливи потешкотии во производството.

Покрај недостигот од микрочипови, Харисон кажа дека снабдувањето на Toyota годинава се соочувало дополнително со проблеми предизвикани од поплавите во Јужна Африка, што речиси три месеци го попречило производството на пикапот Hilux.

Роковите за испорака се движат од шест месеци за градскиот модел Toyota Yaris, до подолго од една година за премиум СУВ-моделот Lexus NX.

Инфлацијата ги загрижува менаџерите

Харисон кажува дека Toyota ги покрила зголемените трошоци за производство, што се предизвикани со поскапувањето на суровините и на енергијата, преку зголемување на цените на некои пазари, но не на сите.

Тој исто така посочи дека долготрајната двоцифрена инфлација ќе влијае врз сигурноста на клиентите во располагањето со своите пари и трошењето, поради што е „неминовно дека побарувачката ќе трпи“. Од таа причина, кажува Харисон, Toyota нема да објави продажна цел за 2023 година.

Важен двигател на продажбата в година може да биде втората генерација на компактниот кросовер C-HR, којшто е најавен преку концептниот автомобил C-HR Prologue. Исто се очекува многу и од вториот модел во подмарката bZ (beyond Zero), којашто е специјализирана за чисто електрични возила. Тоа веројатно ќе биде компактен кросовер во класата на Yaris Cross.

C-HR е шести најпродаван модел во водечкиот сегмент на СУВ-модели од компакт класата на европскиот пазар, во периодот од јануари до октомври. Со 87.705 примероци, тоа е четврти модел по продажба на Toyota, по моделите Yaris, Yaris Cross и Corolla.

Двојна непогода во Русија

Заминувањето на Toyota од рускиот пазар по конфликтот со Украина остави белег врз продажбата и профитабилнсота на Toyota во Европа, посочува Харисон.

Toyota и Lexus во 2021 година продадоа 119.178 возила во Русија. Од локално производство потекнуваат 80.792 возила. Со заминувањето од Русија, Toyota изгуби околу 100.000 возила, односно околу 10 проценти од својата продажба во Европа.

Директорот укажува дека влијанието што Русија го има во профитабилноста на Toyota во Европа е многу поголемо од 10-те изгубени проценти од пазарот, затоа што во земјата главно се продаваа модели од поскапите сегменти.

Додека понудата од модели на Toyota во Европа започнува со Aygo X и Yaris, најмалиот автомобил на Toyota во Русија е петметарската лимузина Camry. Покрај тоа, главнината од продажбата на Lexus беа големите и престижни СУВ-модели GX и LX, што се една класа над RX.

Харисон кажува дека Toyota „внимателно ја следи“ вкупната продажба во Европа. Тој не очекува пазарот да се врати на нивото од преку 20 милиони продадени автомобили годишно, како пред пандемијата, најмалку до 2025 година.

Toyota во октомври произвела 23% повеќе возила отколку лани

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Škoda Octavia безбедна за пет ѕвезди и според најновите норми

Британски Carwow порачува за Citroen C5 X: Купете го