Технолошкиот предводник на браншата има нова визија за иднината. Toyota Concept-i целосно ги искористува можностите на вештачката интелигенција и добива човечки карактер, којшто му овозможува да комуницира со возачот и да му помага во возењето – технологија во служба на човекот, во буквална смисла.
Автомобилот од иднината на Toyota размислува, учи и комуницира. Визијата на јапонската марка прикажана на саемот за електроника во Лас Вегас не укажува на друго освен на тоа дека автомобилите некогаш во иднината ќе прераснат во роботи, коишто ќе бидат наши добри пријатели и помошници.
Суштината на Toyota Concept-i е во роботот којшто е составен дел од возилото. Овој робот со име Yui придонесува автомобилот да добие човечки карактер, да се однесува пријателски, секогаш да стои на располагање, го познава возачот и патниците и нивните потреби. Идејата на технолошкиот предводник во браншата е да укаже на тоа дека во иднина нема да биде доволно сите нови технологии да се натрупаат во возилото, туку е потребно соодветно да се промени и неговиот концепт.
Yui е посредник за комуникацијата меѓу возачот и техниката
Toyota го опишува Yui како агент за вештачка интелигенција. Тоа значи дека роботот учи како се однесува возачот. Неговата комуникација се одвива главно преку светлечки текстуални пораки, од видот на „здраво“, „чао“ или „внимавај“. Yui е присутен во автомобилот само преку дебела светлечка точка во средишната конзола. Тој го разбира јазикот на возачот и поради тоа нема потреба од вообичаените копчиња во кокпитот.
Развојот на Yui е уште во зачеток и ќе минат уште многу години додека Concept-i се појави по улиците. За тоа ќе бидат потребни уште многу километри во тестирање и истражување. Сонот на Toyota е автомобилот и човекот да бидат еден тим, при што задача на технологијата е да му служи на човекот. Визионерите на јапонската марка го толкуваат тоа како „кинетичка топлина“.
[FAG id=26917]