Toyota Aygo: Квалитетот на Јапонците, цените на Французите

Јапонско-француското трио е најзаслужно за враќањето во живот на малечките автомобили. Соработката досега функционираше одлично и продолжува со истото темпо во новата генерација.

До појавувањето на триото Citroen C1, Peugeot 107 и Toyota Aygo, браншата веќе ги имаше заборавено малечките автомобили. Нивниот развој е скап, заработката е мала. Соработката меѓу Toyota и PSA докажа дека работите сепак може да функционираат добро, кога ќе се поделат трошоците за развој и за производство. Моделите од триото се ѕвезди во класата, но носителот на техниката и на целиот инженеринг е Јапонецот. Никој друг модел на Peugeot и Citroen не котира толку добро во статистиките на дефекти, како што во тоа успеваат 107 и C1. Тука станува јасно кој е кој во соработката.

Toyota ја одржува светската премиера на втората генерација на Aygo на салонот во Женева, истовремено со премиерите на Французите. Од изгледот на новакот е очигледно дека и во новата генерација, ѕвезда во триото ќе биде јапонското моделче. Освен од имиџот за добар квалитет, Aygo ќе профитира и од темпераментниот дизајн. Додека Peugeot ја нагласува големата маска во носот, а Citroen го гледа патот со ококорени очи, Toyota оддава впечаток на висока технологија и изгледа кул.

Дизајнот е оригинален и модерен. Место квадратести задни светла има две долги светлосни ленти покрај задното стакло без рамка. На лицето е исцртана буквата X, со светла што изгледаат како очи на лик од манга стриповите. Токму во светлата е најголемата разлика меѓу Aygo и француските сестрински модели.

Познатиот трицилиндарски бензинец со 68 КС троши помалку, просечно 3,9 литри на сто километри. Каросеријата порасна само пет милиметри во должина, но неопходноста од вградување на дополнителна безбедносна опрема и натамошно подобрување на безбедноста на каросериската структура придонесе тежината на Aygo да се зголеми за 30 килограми. Во време кога слабеењето им успева на моделите во сите класи, најмалечката класа не би требало да е исклучок, без разлика што цената не дозволува користење на егзотични материјали.

Претходна објаваHonda Civic Type R: Трката во компакт класата се вжештува
Следна објаваСалон Женева: NanoFlowcell е новата иднина на автомобилите на струја

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here