Според светското рангирање на највредни марки на автомобили за оваа година, Toyota го замени BMW на првото место. Вредноста порасна и на Mercedes, Hyundai и Audi.
Според студијата BrandZ која што ги рангира стоте највредни марки во светот, вредноста на Toyota, Mercedes, Audi и Hyundai се зголеми за двоцифрени вредности во минатата година, што првенствено произлегува од растечката продажба во Кина и во САД. Вредноста на Toyota во 2013 година се зголеми за 12 проценти на 24,5 милијарди долари, како резултат на популаризацијата на хибридниот погон.
Вредноста на BMW се намали за 2 проценти на 24 милијарди евра, поради тоа што во споредба со претходните години Баварците немаат толку многу моделски премиери. Сино белата марка беше највредна во 2010 и 2012 годона, додека Toyota се одржуваше на врвот во периодот меѓу 2006 и 2009 година, како и подоцна во 2011 година.
Меѓу германските марки на премиум возила, вредноста на Mercedes се зголеми за 11 проценти, на 18 милијарди евра, додека вредноста на Audi порасна за 18 проценти на 5,5 милијарди, што се темели на одличната продажба на луксузни автомобили во Кина и во САД. Зголемувањето на бројот на милионери и покачуивањето на животниот стандард на населението придонесе Кина да прерасне во главен растечки пазар за луксузните марки како Audi, BMW и Mercedes.
Највредна марка воопшто е Apple, со вредност од 185,1 милијарди долари. Ова е трета година по ред Apple да ја предводи листата на највредни марки. Google е втор со 113,7 милијарди долари, додека IBM падна на третото место, со 112,5 милијарди долари.
Највредни автомобилски марки во светот
(вредноста во заграда е промената во споредба со 2012)
1. Toyota $24.5 (23) +12
2. BMW $24.0 (24) -2
3. Mercedes $18.0 (43) +11
4. Honda $12.4 (71) -2
5. Nissan $10.2 (86) +3
6. VW $8.8 — 3 (100) +3
7. Ford $7.6 — (*) +8
8. Audi $5.5 — (*) +18
9. Hyundai $4.0 — (*) +11
10. Lexus $3.5 — (*) +2
(*) Не бил меѓу првите 100 во 2012
Извор: Millward Brown