Touareg R eHybrid е најсилниот модел на Volkswagen

Volkswagen објави почеток на нарачките за новиот Touareg R eHybrid. Врвната моделска изведба на знаменосецот на Volkswagen располага со најсилната погонска спрега што во моментов ја нуди Волфсбург.

Заедно со погонот чијашто моќност задира во подрачјето на суперспортските автомобили, Volkswagen Touareg R eHybrid располага и со посебно приспособено подвозје, како и унапредени системи, што со примена на висока технологија се грижат за врвен комфор и врвна безбедност.

Најсилниот модел на Volkswagen претрпе забележливи промени во предниот и задниот дел, нуди повеќе комфор во кабината, вклучувајќи унапредена изведба на прочуениот Innovision Cockpit. Германскиот ценовник почнува од 93.870 евра.

Петер Јост, директор на маркетинг и продажба за подмарката Volkswagen R, со право го велича новиот модел: „Во ниту едно друго возило не нудиме толку моќност, патен комфор, возна динамика и индивидуализирана опрема. Покрај тоа, тој одушевува со своите теренски својства и се покажува како совршено влечно возило за тешки услови, со дозволената тежина на приколка до 3,5 тони.“

Основата на погонската спрега ја сочинува трилитарски 6-цилиндарец, којшто заедно со електромоторот произведува системска моќност од 462 КС и вртежен момент од 700 Nm. Тоа се претвора во забрзување до темпо сто за 5,1 секунди и крајна брзина од 250 km/h.

Новиот модел дополнително располага со сензор за оптовареноста на покривот – за случај кога е монтиран багажник, носач за велосипеди, спортска опрема – којшто е вмрежен со електрониката за подвозјето. На тој начин се постигнува Touareg R eHybrid да понуди врвна стабилност и прецизност, и во ситуации во возењето во коишто од возилото се бара повеќе динамика, и во ситуации кога се бара повеќе комфор.

Во богатата сериска опременост на врвниот модел спаѓаат и новите матрични светла IQ.LIGHT HD. Со повеќе од 38.000 интерактивни светлечки диоди, светлата проектираат пред возилото своевиден „светлосен тепих“, точно во лентата по којашто вози Touareg.

Уште една посебност е Park Assist Pro, којшто се нуди како опција за далечинско паркирање на возилото преку мобилен телефон.

Повеќе за темелното моделско освежување на целата гама на Volkswagen Touareg

VW Touareg: Само најубаво за знаменосецот

Претходна објаваAbarth возеше невозможна мисија со Том Круз
Следна објаваТест · BMW X1 xDrive20d · Сите се добри на право, некои се BMW во свијоци

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here