за

VW Touareg: Само најубаво за знаменосецот

Volkswagen многу грижливо пристапи во освежувањето на Touareg. Новиот модел не треба да ги засени досегашните модели. Затоа, пак, има големи новини во техниката.

По пет години од почетокот на продажбата, Volkswagen Touareg доживува моделско освежување. За разлика од спортски настроениот роднина Porsche Cayenne, каде што со промените во кокпитот и под хаубата може да се зборува за речиси нова генерација на моделот, кај знаменосецот од Волфсбург е многу поблаг ретушот во изгледот.

Мора добро да се погледне, за новото моделско годиште на Volkswagen Touareg, што веќе стартува со нарачки, да се разликува од моделот што досега тронуваше во салоните на марката – и по булеварите.

Еден детал сепак не може да се пропушти. Луксузниот СУВ, што ја дели основата со Porsche Cayenne, Bentley Bentayga, Audi Q7/Q8 и Lamborghini Urus е прв модел на Volkswagen што ја добива новата генерација матрични предни светла. Повеќе од 38.000 светлечки диоди создаваат своевиден светлечки тепих врз патот пред Touareg, зависно од условите на возење и од ситуацијата.

Има промени и во изгледот. Браниците се сменети, назад има светлечка лента по целата ширина меѓу двете задни светла, а како што тоа беше најавено уште пред премиерава, првпат во Европа може да се добие осветлено задно лого, во црвена боја. Законите во ЕУ го спречуваа тоа досега, за разлика од САД, каде што VW одамна ја нуди таа опција.

Во внатрешноста е подобрен впечатокот за квалитетот на материјалите. Тоа што не смее да одмине при моделско освежување, секако е нов инфо-забавен систем што се прикажува и се користи преку големите дисплеи во дигиталниот кокпит. Телефонот сега се полни побрзо, а исто и поврзувањето е без кабел.

Под хаубата нема промени. Инженерите на VW направија неколку зафати во подвозјето, за да додадат повеќе комфор, а во исто време да направат и големиот СУВ да се движи уште подинамично во својоци.

Понудата од погонски единици ја сочинуват три мотори V6, сите со зафатнина од три литри. Бензинецот вози со 340 КС, дизелите со 231, односно 286 КС. На тоа следат уште два приклучни хибриди, со системска моќност од 381, односно 462 КС.

Хибридите го комбинираат бензинскиот V6 со електромотор, што е вграден во осумстепениот автоматски менувач, и батерија од 14,1 kWh. Таа е вградена под подот на багажникот, што е речиси рамен. Полнењето се врши со моќност од 2,3 или 3,6 kW, за што ќе бидат потребни неколку часови. Бидејќи станува збор за приклучен хибрид, поголема е слободата околу прашањето на наполнетоста на батеријата.

Оваа погонска спрега создава колос со две лица. Доколку се користи електричниот режим, Touareg е како голем едреник, што се движи тивко и неосетно. Затоа пак, на старт на семафор, тој е недостижен, а секако дека не му недостига елан ниту при излегување од градот.

Електричниот режим дејствува до 135 km/h. Доколку не се повикува целата моќност и се вози енергетски свесно, може да се поминат до 50 километри без да се вклучи бензинскиот мотор. Дури и навигацијата може да се вклучи во оптимирањето на досегот при возење во чисто електричен режим.

Кога ќе се активираат двата мотори, тогаш хибридниот Touareg е недостижен. Спринтот до темпо сто трае 5,9 секунди, крајната брзина е 250 километри на час. Во верзијата R, забрзувањето се скусува за уште една десетинка.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Volkswagen (@volkswagen)

Пневматската амортизација и натаму е стандард кај Touareg и тоа менува многу во комфорот, но и во динамиката.

Тоа што економите во Волфсбург сугерираа да не се претерува со промените во новото моделско годиште, покажува резултати во цената. На германскиот пазар, ценовникот за новиот Volkswagen Touareg почнува од 69.200 евра, што е неколку стотини евра повеќе од досега.

 Од тест-возењето на електричниот VW ID.4

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески BYD ги мерка Германија, Франција и Шпанија за својата европска фабрика

Audi во Мексико: Милионитиот произведен автомобил за десетгодишнината