за

Топ 5 Најдобар избор на компактен СУВ

Понудата од СУВ-изведби во градската класа моментно опфаќа дваесетина модели. Направивме избор на моделите што нудат најдобра противвредност, што издржуваат и возење надвор од асфалт и воедно поседуваат висока практичност како семејно возило.

Топ 5 Најдобар избор на компактен СУВ

Жестока конкурентска битка се води во сите класи во СУВ-сегментот. Од „теренци“ што најмногу можат да се искачат на тротоар до луксузни универзалци, браншата нуди сé и ќе нуди уште повеќе. Издвоивме неколку СУВ-модели во класата на Polo & Co, кои со просторноста се споредливи со традиционалните компакти, со моќни и воедно штедливи мотори, што ги прави применливи во секакво сценарио.

Лесно е да се изгуби прегледност во понудата од СУВ-модели во градската класа, во класата на Polo & Co, во којашто производителите моментно нудат повеќе од 20 различни модели. Кој бара СУВ, сигурно очекува со својот иден автомобил да направи излет надвор од асфалтот повеќе од еднаш. Тоа ни беше почетниот критеруим за избор на 5 модели, со подвозје што дозволува одредена теренска слобода.

Овие пет СУВ-модели поседуваат доволно голем агол на пристап и агол на заминување, како и доволно голем агол на рампа (при премал агол, возилото може да „наседне“ на подлогата и повеќе да не може да се извлече со сопствен погон). Значи, станува збор за основни предуслови за теренско возење, не зборуваме за екстреми.

Вториот критериум ни беше противвредноста. Не се малубројни производителите што се надеваат на екстра профит и буквално само „закачуваат“ повеќе пластика на каросеријата и ги качуваат обичните градски автомобили на поголеми бандажи, за да изгледаат како СУВ. Купувачите на тие модели обично предоцна дознаваат за таквите подмолни понуди во браншата.

Имаме седум различни модели, од Ford до Volkswagen, со бензински мотори моќни меѓу 100 КС (Renault) и 129 КС (Suzuki). Дури три модели пристигаат од концернот од Волфсбург, кои се разликуваат во стилот, во опремата и во чувството во возење, но сите имаат иста погонска техника и исто подвозје – кусо, Seat Arona, Skoda Kamiq и Volkswagen T-Cross делат заедничка платформа. Поради тоа, само за овој Топ 5 преглед, моделите на концернот VW ќе ги водиме заеднички како трио, како еден модел.

> Suzuki Vitara е неприкосновена во погонот, од една страна го има најсилниот мотор, од друга е најштедлива – тајната е во благиот хибриден погон. Мајсторијата, притоа, е во тоа што не излегува од ценовната рамка на конкуренцијата

Во погонската спрега постои голема изедначеност. Сите имаат мотор со зафатнина од еден литар, со три цилиндри и со турбонатполнење и директно впрскување (освен Captur, со впрскување во гранка). Исклучок прави Suzuki. Единствено јапонскиот СУВ располага со 1,4-литарски мотор со четири цилиндри. Како дополнителна посебност на Vitara, станува збор за благ хибриден погон, со 48-волтен стартер-генератор. Ова долгогодишно име на сцената го поставува и врвот во моќноста, со 129 КС.

Според годините што ги минале досега на пазарот, најмногу искуство имаат Kia Stonic, Ford EcoSport и Seat Arona. Нивната премиера беше во последниот квартал од 2017 година. Тоа значи дека во овој Топ 5 не постои модел што е постар од три години. Некои од нив веќе имаат минато обемно моделско освежување, што во случајот на Vitara го донесе и хибридниот погон под хаубата.

Секако дека постојат и изведби на одделните модели со послаби или посилни мотори, а соодветно на тоа и со пониска цена, меѓутоа за овој избор поставивме дијапазон меѓу 100 и 130 КС. Иако моделите се водат како урбан СУВ, просторноста на кабината дозволува тие да се користат и како семејно возило, вклучувајќи и подолги патувања, така што инвестицијата во посилен мотор од основниот сигурно нема да биде утка.

За возењето да биде течно и кога возилото е под полна натовареност, решава вртежниот момент. Во тој поглед, трката ја предводи Suzuki со 235 Nm, а солидно се држи и VW-триото со 200 Nm. Бестселерскиот модел на Renault вози со 160 Nm, Kia и Ford имаат 172, односно 170 Nm, со таа напомена што Stonic ја постигнува оваа вредност најрано, при 1.500 вртежи. Погонот е напред, менувачите се мануелни со 6 степени, со исклучок на Renault, со еден степен помалку.

Триото на Volkswagen дели иста платформа и идентичен погон, но габаритите се сосем различни, а истото важи и за карактерот на секој модел

Најдолга е Skoda со 4.241 mm, најкус е Ford (-145 mm). Поголеми се разликите во висината, верно на отстапувањата од основниот СУВ-концепт на одделните модели. Ford EcoSport е „најтеренец“, со најголемо растојание од подлогата, конкретно 190 милиметри. Изненадувачки добро во тој поглед се држи Kia, којашто иако е најниска и во основата е повеќе кросовер, има најмалку 183 милиметри простор за „игра“ долу. Длабочината на влегување во вода ја објавува само Ford, и таа изнесува 55 сантиметри. EcoSport, патем, заедно со Vitara се единствени модели што се нудат и во верзија со погон на сите тркала.

Големи разлики постојат и во меѓуоскиното растојание. Шампион во тој поглед е Kamiq, кој со своите 2,65 метри има десетина сантиметри повеќе простор меѓу оските од Ford или Suzuki. Иако постои оваа разлика, просторноста на кабината е на приближно исто ниво кај сите модели во нашиот Топ 5. Најголем багажник има Volkswagen T-Cross со 455 литри, додека Stonic, сосем очекувано покрај неговата стилска „купеовска“ каросерија нуди 352 литри, само четири литри помалку од Ford. Шампион во максималниот простор што стои на располагање со соборена клупа е Skoda, со 1.506 литри.

Renault Captur
Кој нуди подобар автомобил за парите, Renault Captur или Peugeot 2008 – на следниов линк

Kia избива во предност со тежината. Со 1.185 килограми, Stonic е полесен за 164 килограми. Во одделниот преглед на моделите ги наведуваме и носивоста, тежината на приколка и дозволената тежина на багаж врз покривот и уште бројни корисни податоци.

Во поглавјето за перформансите, надобар спринтер е Seat Arona, со 9,8 секунди од место до темпо сто, само една десетинка подобро од Skoda. Спринтот не е вистинската дисциплина зa Captur, на когошто му се потребни дури 13,3 секунди, но во овој Топ 5 намерно го избравме повисокото ниво на опрема Intens, на сметка на моторот – секако дека со мала доплата за посилниот мотор со 130 КС, и Captur станува „спринтер“. Нивото на опременост што го нудат Французите во Intens е фамозно, особено во поглед на системите за асистенција. Слично е кај Vitara и Karoq, кој во изборот е во топ-нивото на опрема и пак не излегува од ценовната рамка. Во крајната брзина, редоследот е сосем очекуван: Kamiq и T-Cross со 194 и 193 km/h, по него Arona и Vitara (190), Stonic (184), EcoSport (180) и Captur (173 km/h).

Фабриката ветува најниска градска потрошувачка кај Suzuki Vitara со 5,2 литри на сто километри. Секако дека благиот хибриден погон се покажува на дело. На вредности од 6,4 и 6,3 литри треба да се смета при градско возење кај Skoda Kamiq и Kia Stonic.

Во продолжение ги наведуваме деталните технички податоци, цените и избор од сериската опрема за нашиот Топ 5 на компактни СУВ-модели на македонскиот пазар. Моделите се наведени по азбучен редослед, според марката.

Ford EcoSport 1.0 EcoBoost 125 КС Trend Plus · Редовна цена 17.600 евра

Test Ford Ecosport 15 Ecoblue

Мотор 3 цилиндри во линија, директно впрскување, турбо, 4 вентили по цилиндар, зафатнина 998 ccm, моќност 92 kW (125 КС) при 6000/min, вртежен момент 170 Nm при 1400/min, погон напред, мануелен менувач со 6 степени

Каросерија Должина 4096 mm, ширина 1765 mm, висина 1653 mm, меѓуоскино растојание 2519 mm, растојание од подлога 190 mm, круг на вртење 11,20 m, багажник 356 l / 1238 l, празно возило 1349 kg, дозволена тежина 1730 kg, носивост 381 kg, приколка со сопирачки (12%) до 900 kg, носивост на покрив 40 kg

Перформанси 0-100 km/h за 11,0 s, крајна брзина 180 km/h, бучност при возење 70 dB

Потрошувачка (фабрички вредности, NEDC) – град, пат, просек: 5,9 / 4,5 / 5,0 l/100km, емисија на СО2 (WLTP) 114 g/km, резервоар 52,00 l

Сериска опрема

Магленки со функција за свијоци, клима уред, длабинско местење на волан, челични тркала 16 инчи, радио со дисплеј од 4,2 инчи, со команди на волан и блутут, грејачи на ретровизори, електрика на сите прозорци, лумбално местење на возачко седиште.

Kia Stonic 1.0 T-GDi 120 КС Vision · Редовна цена 16.100 евра, акциска цена 15.100 евра

Kia Stonic комотно ѝ се спротивставува на конкуренцијата

Мотор 3 цилиндри во линија, директно впрскување, турбо, 4 вентили по цилиндар, зафатнина 998 ccm, моќност 88 kW (120 КС) при 6000/min, вртежен момент 172 Nm при 1500/min, погон напред, мануелен менувач со 6 степени

Каросерија Должина 4140 mm, ширина 1760 mm, висина 1505 mm, меѓуоскино растојание 2580 mm, растојание од подлога 183 mm, круг на вртење 10,40 m, багажник 352 l / 1155 l, празно возило 1185 kg, дозволена тежина 1640 kg, носивост 455 kg, приколка со сопирачки (12%) до 1110 kg, носивост на покрив 70 kg

Перформанси 0-100 km/h за 10,3 s, крајна брзина 184 km/h, бучност при возење 69 dB

Потрошувачка (фабрички вредности, NEDC) – град, пат, просек: 6,3 / 4,8 / 5,0 l/100km, емисија на СО2 (WLTP) 124 g/km, резервоар 45,00 l

Сериска опрема

Клима уред, радио со дисплеј од 7 инчи и поддршка за Android Auto и Apple CarPlay, блутут, команди на волан, кожа на волан и на менувач, електрика на сите прозорци, грејачи во ретровизори, диодни задни светла, ел. собирање ретровизори, алуминиумски тркала од 15 инчи, кровни носачи.

Renault Captur TCe 100 Intens · Редовна цена 18.840 евра

Renault Captur

Мотор 3 цилиндри во линија, индиректно впрскување, турбо, 4 вентили по цилиндар, зафатнина 999 ccm, моќност 74 kW (100 КС) при 5000/min, вртежен момент 160 Nm при 2750/min, погон напред, мануелен менувач со 5 степени

Каросерија Должина 4227 mm, ширина 1797 mm, висина 1575 mm, меѓуоскино растојание 2639 mm, растојание од подлога 174 mm, круг на вртење 11,10 m, багажник 422 l / 1275 l, празно возило 1265 kg, дозволена тежина 1751 kg, носивост 486 kg, приколка со сопирачки (12%) до 1200 kg, носивост на покрив 80 kg

Перформанси 0-100 km/h за 13,3 s, крајна брзина 173 km/h, бучност при возење 68 dB

Потрошувачка (фабрички вредности, NEDC) – град, пат, просек: 6,0 / 4,5 / 5,1 l/100km, емисија на СО2 (WLTP) 116 g/km, резервоар 48,00 l

Сериска опрема

Систем за следење лента и самостојно запирање при опасност од судир, камера за знаци, автоматски светла, темпомат, комплетно диодни предни и задени светла, грејачи во ретровизори, електрика на сите прозорци, автоматски клима уред, потпирач за рака напред, амбиентално осветлување, радио со дисплеј од 7 инчи, WiFi, Android Auto, Apple CarPlay, сензор за дожд, паркинг сензори, електрична паркирна сопирачка, алуминиумски тркала од 17 инчи, кожа на волан и на менувач, пристап без клуч, ел. собирање на ретровизори.

Seat Arona 1.0 TSI 115 Style · Редовна цена 18.459 евра

Seart Arona 1.0 TGI metan

Мотор 3 цилиндри во линија, директно впрскување, турбо, 4 вентили по цилиндар, зафатнина 999 ccm, моќност 85 kW (115 КС) при 5000/min, вртежен момент 200 Nm при 2000/min, погон напред, мануелен менувач со 6 степени

Каросерија Должина 4138 mm, ширина 1780 mm, висина 1552 mm, меѓуоскино растојание 2566 mm, растојание од подлога – mm, круг на вртење 10,60 m, багажник 400 l / 1280 l, празно возило 1189 kg, дозволена тежина 1710 kg, носивост 521 kg, приколка со сопирачки (12%) до 1100 kg, носивост на покрив 75 kg

Перформанси 0-100 km/h за 9,8 s, крајна брзина 190 km/h, бучност при возење 66 dB

Потрошувачка (фабрички вредности, NEDC) – град, пат, просек: 6,0 / 4,5 / 5,1 l/100km, емисија на СО2 (WLTP) 114 g/km, резервоар 40,00 l

Сериска опрема

Самостојно запирање при опасност од судир, кровни шини, магленки со функција за свијоци, алуминиумски тркала од 16 инчи, електрика на сите прозорци, ел. собирање на ретровизори, автоматски клима уред, радио со дисплеј од 6,5 инчи и команди на волан, блутут, сензор за светла и бришачи, темпомат, препознавање замор, диодни предни и задни светла, амбиентално осветлување, кожа на волан и на менувач, хром пакет, потпирач за рака напред.

Skoda Kamiq 1.0 TSI 115 Style · Редовна цена 18.380 евра

Третина од возачите му даваат име на својот автомобил

Мотор 3 цилиндри во линија, директно впрскување, турбо, 4 вентили по цилиндар, зафатнина 999 ccm, моќност 85 kW (115 КС) при 5000/min, вртежен момент 200 Nm при 2000/min, погон напред, мануелен менувач со 6 степени

Каросерија Должина 4241 mm, ширина 1793 mm, висина 1531 mm, меѓуоскино растојание 2651 mm, растојание од подлога 182 mm, круг на вртење 10,10 m, багажник 400 l / 1506 l, празно возило 1231 kg, дозволена тежина 1710 kg, носивост 479 kg, приколка со сопирачки (12%) до 1200 kg, носивост на покрив 75 kg

Перформанси 0-100 km/h за 9,9 s, крајна брзина 194 km/h, бучност при возење 70 dB

Потрошувачка (фабрички вредности, NEDC) – град, пат, просек: 6,4 / 4,3 / 5,1 l/100km, емисија на СО2 (WLTP) 116 g/km, резервоар 50,00 l

Сериска опрема

Систем за следење лента, самостојно запирање при опасност од судир, темпомат, диодни предни и задни светла со динамична функција, сензор за дожд, висинско местење на предни седишта, електрика на сите прозорци, грејачи во ретровизори, радио со дисплеј од 8,0 инчи, Smart Link, кожа на волан и на менувач, автоматски клима уред, хром пакет внатре и надвор, потпирач за рака напред, сензори за паркирање, сребрени кровни шини, алуминиумски тркала од 16 инчи.

Suzuki Vitara 1.4 Hybrid GL · Редовна цена 19.890 евра, акциска цена 17.990 евра

suzuki vitara hybrid N

Мотор 4 цилиндри во линија, благ хибрид 48V, директно впрскување, турбо, 4 вентили по цилиндар, зафатнина 1373 ccm, моќност 95 kW (129 КС) при 5500/min, вртежен момент 235 Nm при 2000/min, погон напред, мануелен менувач со 6 степени

Каросерија Должина 4170 mm, ширина 1775 mm, висина 1595 mm, меѓуоскино растојание 2500 mm, растојание од подлога 175 mm, круг на вртење 10,40 m, багажник 375 l / 1120 l, празно возило 1240 kg, дозволена тежина 1770 kg, носивост 530 kg, приколка со сопирачки (12%) до 1200 kg, носивост на покрив 50 kg

Перформанси 0-100 km/h за s, крајна брзина 190 km/h, бучност при возење 66 dB

Потрошувачка (фабрички вредности, NEDC) – град, пат, просек: 5,2 / 4,2 / 4,6 l/100km, емисија на СО2 (WLTP) 104 g/km, резервоар 47,00 l

Сериска опрема

Самостојно запирање при опасност од судир, систем за следење лента, радарски темпомат, камера за знаци, диодни предни и задни светла, автоматски клима уред и филтер за полен, електрика на предни прозорци, радио со блутут, автоматски светла и бришачи, магленки, кровни носачи.

Volkswagen T-Cross 1.0 TSI · Редовна цена 19.083 евра

Volkswagen T-Cross premiera

Мотор 3 цилиндри во линија, директно впрскување, турбо, 4 вентили по цилиндар, зафатнина 999 ccm, моќност 85 kW (115 КС) при 5500/min, вртежен момент 200 Nm при 2000/min, погон напред, мануелен менувач со 6 степени

Каросерија Должина 4108 mm, ширина 1782 mm, висина 1584 mm, меѓуоскино растојание 2551 mm, растојание од подлога mm, круг на вртење 10,60 m, багажник 455 l / 1281 l, празно возило 1255 kg, дозволена тежина 1740 kg, носивост 485 kg, приколка со сопирачки (12%) до 1100 kg, носивост на покрив 75 kg

Перформанси 0-100 km/h за 10,2 s, крајна брзина 193 km/h, бучност при возење 68 dB

Потрошувачка (фабрички вредности, NEDC) – град, пат, просек: 5,9 / 4,6 / 5,1 l/100km, емисија на СО2 (WLTP) 116 g/km, резервоар 40,00 l

Сериска опрема

Клима уред, радио со дисплеј од 6,5 инчи и команди на волан, блутут, магленки со функција за свијоци, челични тркала од 16 инчи, самостојно запирање при опасост од судир, систем за следење лента, предупредување за возило во кртов агол, автоматски светла.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на германската железница нема кола и не лета

Шефот на германската железница нема кола и не лета

Воведната серија од Ram TRX со 702 КС се распродаде за три часа

Воведната серија од Ram TRX со 702 КС се распродаде за три часа