за ,

Tesla Model S со погон на сите тркала и 700 КС

Специјалистот за електричен погон од Калифорнија ја претстави врвната изведба на Tesla S, којашто со дополнителен електромотор добива погон на сите тркала и моќност на суперспортски автомобил.

Tesla Motors се погрижи за уште една сензација. Синоќа во Калифорнија беше претставена врвната изведба на моделот S со додавка P85D. Со додавање на електромотор на предната оска, култната електролимузина доби погон на сите тркала и моќност од 700 КС. Подолго од една година се шпекулираше дека Tesla Motors ќе понуди верзија на Model S со погон на сите тркала. Овој погон ќе се користи и за идниот спортски теренец Model X, чијашто премиера се очекува во следните месеци.

Со комбинацијата од два електромотора, Model S P85D постигнува брутална моќност од 700 КС и вртежен момент од 930 Nm, што на лимузината и обезбедува забрзување до сто за околу 3,5 секунди. Ретко кој можеше да претпостави дека калифорниската електролимузина ќе отиде до тоа ниво. Погонот на сите тркала ќе биде достапен и во послабата верзија со ознака Model S 85D, како и во верзија со помал капацитет на батериите, во Model S 60D. Освен тоа што нудат повисоки перформанси, верзиите со погон на сите тркала ќе бидат интересни и за купувачите во северните региони на континентот, каде што климатските услови наведуваат на избор на возило со погон на сите тркала.

Според производителот, погонот на сите тркала, тежината зголемена за 150 килограми и дополнителната моќност на вториот електромотор не го намалуваат досегот на Model S, туку напротив, влијаат позитивно. Тајната е во тоа што батериите се полнат и преку предниот електромотор, кога тој преоѓа во работа како генератор, при сопирање или возење под инерција. Покрај тоа, распределбата на вртежниот момент меѓу двете погонски оски се одвива многу порационално и попрецизно, благодарение на интелигентната електроника којашто решава за само неколку милисекунди.

Освен моделот „D“, кадешто буквата означува „Dual Motor“, синоќа беше претставен и системот за самостојно возење, односно „автопилотот“ во Model S. Од пред две недели, сите возила што излегуваат од фабриката на Tesla Motors се веќе опремени со дополнителните сензори, за сé да биде подготвено кога за неколку месеци производителот ќе го понуди соодветниот софтвер за инсталирање во возилата. Автопилотот може самостојно да ја смени лентата кога возачот ќе ги активира трепкачите или автоматски да го следи брзинското ограничување на сообраќајните знаци покрај патот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche Cayman со четирицилиндарски мотор доаѓа во 2016 година

Јубилеен F60America за годишнината на Ferrari во САД