Рачната изработка ја забавува продукцијата на Tesla Model 3?

Во минатите три месеци се произведени само 260 примероци од Tesla Model 3. Сега е позната и причината за овој застој. Монтажата на деловите за електричниот автомобил во најголем дел се одвива рачно.

Откако во деловниот извештај за последниот квартал се покажа дека во Tesla, во периодот од јули до септември се произведени само 260 примероци од Tesla Model 3, сега се дознава и причината за разочарувачкиот старт. Во повеќе позиции во производството се врши рачна, место автоматизирана изработка. Тоа го објавува реномираниот „Вол Стрит Журнал“.

Неименуван извор наведува дека производствената линија за Tesla Model 3 уште не е довршена. Поради тоа, о неколку хали во гигафабриката се резервирани за рачно составување на одделни производствени модули. Тоа е во апсолутна спротивност со целта на автоматизираното производство, да се постигне поволна цена за електричниот автомобил што е двојно поевтин од досегашните модели на калифорнискиот производител.

До декември требаше да се произведат вкупно 20.000 примероци од Tesla Model 3

Како што објавивме претходно, во Tesla во последното тромесечје се произведени вкупно 26.150 возила. Лимузината Model S и кросоверот Model X учествуваат речиси подеднакво, со околу 14.000, односно 12.000 примероци. Наспроти тоа, од Tesla Model 3 се произведени 260, а испорачани се околу 230 примероци. Од компанијата најавуваат дека наскоро ќе се надмине ова тесно грло во производството. Според првичните планови, до декември требаше да се испорачаат вкупно 20.000 примероци. Но, исклучително е мала веројатноста дека овие планови ќе се исполнат.

Лани во април, основачот Илон Маск направи процена дека вкупната продукција на Tesla Model 3 во втората половина од годинава ќе достигне сто до двесте илјади примероци. Производството на автомобилот од когошто се очекува да поттикне вистина револуција во електромобилноста започна дури во јули.

Во август годинава, за електричната лимузина од средната класа имаше повеќе од 450.000 нарачки. Набрзо следеше и првото масовно откажување на клиентите. Дури 63.000 клиенти ги откажаа своите нарачки.

Претходна објаваПрвиот контингент од Mitsubishi Eclipse Cross патува кон Европа
Следна објаваЏејми Оливер претвори Land Rover во подвижна кујна