Кросоверот со погон на струја од специјалистот Tesla пристигна со доцнење од две години. Проблемот беше во крилестите врати што требаше да ги изработи една германска фирма. Сега ќе решава судот.
Производителот на електрични автомобили Tesla го тужи германскиот добавувач Hoerbiger. Младата и амбициозна фирма го обвинува добавувачот за доцнењето со стартот на продажбата на кросоверот Model X. Германскиот добавувач лажно прикажал дека е во состојба да ги развие крилестите врати за електричниот кросовер. Поради тоа, Tesla морал во последен момент да го смени добавувачот, што го предизвикало и доцнењето на Model X.

Специјалистот за хидраулика Hoerbiger во периодот меѓу февруари 2014 и мај 2015 не успеал да развие крилести врати за Model X, коишто ќе ги задоволат техничките стандарди на Tesla. Прототипите на Германците пропуштале масло, сами се спуштале или се прегревале, за на крајот целосно да откажат.
Во мај минатата година, Tesla ги откажал прототипите со хидраулично ракување на Hoerbiger и развил нов електромеханички систем за крилестите врати коишто се заштитен знак на кросоверот. Германците сега се повикуваат на условите од договорот и бараат Tesla да плати за извршените услуги. Судот ќе решава дали Tesla на тој начин го прекршува договорот и дали на Hoerbiger му следува исплата на побараните средства.
Tesla повеќепати го одложуваше стартот на Model X. Кросоверот првично требаше да се појави на крајот на 2013 година. Една година подоцна, Tesla најави нов старт за Model X, кој требаше да се случи во средината на минатата година. Новиот модел, на крај се појави дури пред крајот на минатата година. Според Tesla, неделната продукција на Model X во моментов изнесува 238 примероци.
















