за ,

Tesla го најавува следниот чекор кон автономното возење

За околу три месеци, Tesla ќе ги дополни функциите на автоматското возење со нов софтвер. Според шефот Илон Маск, неговите автомобили уште сега можат да возат самостојно од Сиетл до Сан Франциско.

Пионерот во електромобилноста во последно време имаше проблеми со намалената продажба и со лошата автомобилска политика на кинескиот пазар. На последната вебконференција, Илон Маск повторно зборуваше за технологија. Во текот на следната недела ќе почне вчитувањето на новата софтверска верзија 6.2, со којашто калифорнискиот производител ќе ги ослободи сопствениците на електричните автомобили од стравот дека можат да останат со празни батерии среде пат.

Гаранција за „неостанување среде пат“

Новата функција „Range Assurance“ работи во заднина, без разлика дали системот за навигација се користи во моментот. Оваа фунција за „гарантиран досег“ комуницира со сопствените станици со полначи на Tesla и пренесува информации дали истите се користат во моментот и дали воопшто се активни. Возачот добива предупредување навреме, пред да снема енергија до најблиските полначи.

Системот за навигација го води возачот до најблиската станица, земајќи ги во предвид поголемите оптоварувања за батериите во возилото, како што се нагорнините или студеното време. На тој начин, возачот се ослободува од постојаната грижа дали наполнетоста на батериите е доволна до следниот почнач и не мора да прави сложени пресметки.

Досег 500 km: Северна Америка и Западна Европа се покриени со полначи на Tesla

Новиот софтвер ја „вклучува“ мрежата од полначи и при подолгите патувања. Според статистиките на Tesla, возачите прават пауза по најмногу четири часа возење и запираат на одморалиште. Времето што е потребно за батериите да се наполнат до крај на полначите на Tesla изнесува околу половина час, односно исто толку време колку што трае и паузата. Максималниот досег со полни батерии изнесува 500 километри, што значи дека сите жители во Северна Америка, како и на Северот и Западот на Европа, секогаш се во досег на полнач на Tesla.

Веќе има најави и за следниот софтвер, за верзијата 7.0, којашто се очекува да биде достапна во текот на летото. Со овој софтвер, Tesla Model S ќе добие нови функции за автономно, односно автоматизирано возење. Преку контрола со паметен телефон автомобилот ќе може да се повика од паркиралиштето до местото кадешто чекаат патниците. Покрај тоа, луксузниот електромобил ќе биде во состојба да вози самостојно по американските автопатишта. Актуелните закони во повеќето сојузни држави не дозволуваат самостојното возење да се користи во град. Системот е тестиран повеќе пати на релацијата од Сан Франциско до Сиетл.

Новиот пакет функции ќе вклучува и самостојно поаѓање и запирање при возење во застој на автопат, како и самостојно запирање при опасни ситуации на патот – функции со коишто веќе располагаат и повеќето модели од повисоките класи од европските и јапонските производители.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Google му отвора пат на Android во автомобилите

Passat или Mondeo? Споредба на магазинот auto motor und sport