Интернет гигантот претстави апликација за поврзување на мобилни телефони на Android со авторадијата. Засега се овозможени само неколку апликации, но тоа ќе се промени наскоро.
На Google Play Store веќе може да се симнува бесплатната апликација Android-Auto, којашто функционира на сите мобилни телефони со Android 5 и се прикажува на дисплејот во автомобилот. Со апликациите се ракува преку копчињата во возилото или преку говорна команда, а врската меѓу мобилниот и автомобилот се остварува преку кабел.
Само неколку апликации „соработуваат“ со автомобилот. Google Maps и Play Music моментно функционираат непречено, но приспособени се и апликации од партнери, како WhatsApp и Spotify. На девелоперите им стои на располагање и Google API. Системот подржува говорно бирање телефонски број, читање на примени текстуални пораки и одговор преку диктирање. Google одговара и на прашања, како на пример за локацијата на најблиската станица за гориво.
На поширокиот европски пазар во моментов се нудат само неколку уреди што подржуваат Android Auto. Соодветни уреди претстави Pioneer, но во моментов тие се достапни само на пазарите во САД, Велика Британија и Австралија. Google ја основаше „отворената автомобилска алијанса“ со цел да го поттикне интегрирањето на Android во автомоболите. Покрај производители на електроника, како Pioneer, во алијансата членуваат и повеќе автомобилски производители. Поголемиот број од нив најавуваат дека во текот на годинва ќе претстават мултимедиски системи за одделни модели на автомобили, коишто ќе подржуваат Android Auto, како и Apple CarPlay. Системот функционира, на пример, во Volkswagen Touran и Skoda Superb. Покрај тоа, обата модела го подржуваат и системски независниот стандард MirrorLink за интеграција на паметни телефони во автомобилите.