за

Suzuki Jimny на струја според дизајнерска замисла

Suzuki презеде вистински потег откако рано почна да го вградува благиот хибриден погон во своите модели. Следниот чекор е вградување полн хибриден погон, заедно со партнерот Toyota. Еден модел сепак ја прескокна електрификацијата, а тој привлекува најмногу симпатии.

Suzuki Jimny на струја според дизајнерска замисла

Јапонскиот специјалист за теренци и градски автомобили постигна планетарен успех со актуелниот Suzuki Jimny, на кој можат да позавидат многу поголеми и поскапи модели. Но, малечкиот, а култен и способен теренец ја немаше „среќата“ на останатите модели на Suzuki и под хаубата не му проработе стартер-генератор, што се покажа мошне делотворен за смалување на емисијата на СО2 кај Swift, Vitara & Co. Еден вешт дизајнер ја анимира сцената со својата замисла за електрична верзија на Jimny.

Suzuki Jimny во овие неколку години присуство во тековната генерација проживеа многу на автомобилскиот пазар. Прво, за многумина неочекувано во толкав обем, Jimny буквално предизвика еуфорија, со спојот меѓу ретро-стил, современа изработка и име со добра историја. Потоа почна да наближува стапувањето на важност на строгото ограничување за емисијата на СО2 во ЕУ.

Suzuki треба да плаќа по 95 евра за секој грам СО2 над дозволената вредност од 95 грами СО2 на километар – по секое продадено возило. Jimny испушта 154 грами, што според едноставната пресметка значи дека „казната“ што производителот ќе ја плаќа кон Комисијата на ЕУ заради надминување на лимитот би изнесувала 5.605 евра по возило. За оваа сума би требало да поскапи Jimny. Покрај тоа, ЕУ оптоварува и со други давачки, кои пак се поврзуваат со емисијата на СО2.

Jimny е достапен само „во ограничени количини“, но секогаш се појавува по уште еден примерок

Jimny во моментов е достапен само во крајно ограничени количини, иако нашиот увозник Миркат секогаш успева да најде по уште еден примерок и да ги услужи своите клиенти – вклучувајќи и заинтересирани купувачи од сите страни на светот, па дури и од Азербејџан. Во одредени моменти, на германскиот и други големи пазари, на слободниот пазар се плаќаше и двојна цена само да се дојде до примерок од раритетниот мини-теренец.

Suzuki Jimny 1.5 GL Test AutomediaMK

Нашиот тест на Suzuki Jimny

Кусо пред да се случи оваа навалица, на сцената почнаа да се појавуваат најразлични преработки на Jimny, почнувајќи од каросериски китови што го претвораа во G-Class, па до сериозни преправки на подвозјето, за совладување екстремни теренски предизвици. Култот си дејствуваше.

Од следната година, Suzuki ќе го врати Jimny на поширокиот европски пазар, но во изведба како лесно доставно возило од категоријата N1, без задна клупа и со брзинско ограничување. Околу тоа како ќе се одвива ситуацијата на македонскиот пазар, Suzuki тука секогаш умеел да изненади.

Сцената мисли исто, електрична верзија на Suzuki Jimny би постигнала фантастичен успех

Во меѓувреме, извесен дизајнер Аријан Хосеиналипур ја објави својата замисла за идната верзија на Suzuki Jimny, којашто би користела само електричен погон. Во замислата се предвидува и носечка платформа со литиум-јон батерија вградена во подот и по еден електромотор на предната и задната оска, за погон на сите тркала, па дури и со приспособлива распределба на вртежниот момент меѓу две тркала на иста оска.

Пред извесно време почна да се зборува и за верзија на Jimny со продолжена каросерија и пет врати, којашто би се продавала на индискиот пазар, кадешто Maruti Suzuki постигнува мошне висок удел во продажбата. Индискиот гигант сепак ги демантираше гласините околу таква изведба, затоа што е мал пазарот за истата. Сцената сепак ќе продолжи да го обожува Jimny. Актуелната генерација му даде на Suzuki досега најсилна потврда за тоа. Електричен Jimny, верзија со четири врати, авантуристички кабриолет? За каква и да било изведба од култниот мини-теренец, секогаш ќе има место на планетава што бара точно таква изведба.

Целосен приказ на замислата за идната генерација на Suzuki JImny со погон на струја:

https://www.behance.net/gallery/103397081/EV-Suzuki-Jimmy

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Августовската продажба на Volvo повисока за 7,2 проценти

Chevrolet-Suburban анкета патувања Америка

Патувањата биле најсреќни моменти за Американците летово