за ,

Suzuki iV-4: Серискиот модел ќе стартува во 2015 година

Јапонскиот специјалист за малечки возила и погон на сите тркала го претстави концептот iV-4 со кого што го најавува идниот компактен теренец. Серискиот модел ќе се појави во продажба во 2015 година.

Откако стартуваше со серијата LJ во 1970 година, Suzuki постојано ја прошируваше понудата на теренски возила, прво со Vitara во 1988 година, потоа со Jimny во 1998 година и на крајот со Grand Vitara во 2005 година. Остана единствено да се пополни сегментот на компактните спортски теренци, кој бележи постојан раст. Во овој сегмент од 2015 година ќе биде присутен серискиот модел што ќе произлезе од концептот прикажан во Франкфурт.

Suzuki_iV-4_Concept_Car_03

Името iV-4 е кратенка од Individual Vehicle 4 Wheel Drive и ја поставува насоката во која што ќе се развиваат идните спортски теренци на марката. Покрај препознатливите дизајнерски белези на Suzuki, како заоблената хауба и петделната предна маска, изгледот на iV-4 оддава робусност и пробивност на спортски теренец. Во исто време, концептот укажува на долгата традиција на Suzuki и совршено се вклопува во познатата фамилија на спортски теренци на марката.

Suzuki ќе понуди изобилство од можности за индивидуализација на возилото, кои што ќе соодветствуваат на животниот стил на сопственикот. Тука се подразбираат разни додатоци на каросеријата, бои и текстури. Освен со магленките на покривот со вграден ласериски сензор и осветлената маска, кои што му даваат футуристичка нота на возилото, iV-4 го привлекува погледот со големите бандажи со впечатлив дизајн и со новата металик боја, со интензивен сјај како посебен ефект.

Серискиот модел што ќе произлезе од концептниот автомобил ќе почне да се продава на европскиот пазар во 2015 година и ќе се произведува во фабриката во Унгарија. Suzuki најавува нов погон на сите тркала Allgrip, ниска тежина на возилото благодарение на лесната конструкција на каросеријата, како и дизајн што му нуди на сопственикот многубројни можности за индивидуализација.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сите новитети на салонот во Франкфурт

Светска премиера и рекорд за Porsche 918 Spyder