Моделската гама на Suzuki е комплетно обновена со пристигањето на новата генерација на Swift. Јапонскиот пазар стартува со испорака на новиот Swift веќе на 4-ти јануари, за неполни два месеци подоцна да следува и неговата европска премиера на салонот во Женева.
Swift е шестиот нов модел во понудата на Suzuki којшто пристига во временска рамка од само три години, откако јапонската марка ја започна моделската офанзива со претставувањето на новиот кросовер S-Cross во 2013 година. Имајќи ја предвид бројката од 5,3 милиони продадени примероци од 2004 година, кога Suzuki наполно ја смени концепцијата на моделот и го позиционираше повисоко во споредба со претходниците, сосема е извесно дека Swift е најважниот модел во целата оваа серија на обновување на моделската гама.
Шестата генерација на Swift покажува сосем поразличен дизајнерски израз во споредба со останатите модели во гамата, што е еден од ретките случаи во браншата, кадешто целата моделска понуда на марката е унифицирана до здодевност. Закосениот долен раб на страничните прозорци, во спој со покривот што се спушта наназад и „моќниот“ заден столб, го пренесуваат стилот на Swift од претходните генерации.
Не отсуствуваат ниту темно бојадисаните столбови, заради нагласување на „купеовскиот“ или спортски карактер на Swift. Впечатливи детали се шестаголната маска, хаубата што е „скусена“ како кај британските грантуризмо, исто како и рачката за врата во задниот прозорец и црниот појас со когошто се акцентира страничната силуета – детал што е веќе често цитиран и вишок во оригиналниот настап што Swift го имаше и досега. Карактеристика на дизајнот се и моќно испакнатите крила и проширувањето над праговите. Диодните светла го заокружуваат стислкиот настап на новиот Swift.
Продажбата на новата генерација на јапонскиот пазар стартува веќе на 4-ти јануари, во две моделски изведби: Swift SHVS со паралелниот хибриден погон на Suzuki во комбинација со 1,2-литарски Dualjet со 91 КС и електромотор од 3,1 КС, како и спортска верзија Swift RS, со еднолитарски Boosterjet со 102 КС и 150 њутнметри, со турбонатполнење и директно впрскување на горивото, којшто во Јапонија се испорачува во комбинација со шестстепен автоматски менувач.
Просечна потрошувачка на основниот модел од 4,3 литри според јапонските норми
Според јапонските норми, просечната потрошувачка на Swift Hybrid изнесува 3,65 литри на сто километри. Хибридниот модел исто така се испорачува со спортскиот пакет RS. Основниот модел го користи 1,2-литарскиот бензинец од Swift SHVS, во комбинација со петстепен мануелен менувач и просечна потрошувачка од 4,3 литри.
Димензиите на каросеријата: Должина 3,84 метри (-1 cm), ширина 1,70 метар, висина 1,50 метар (-1 cm), меѓуоскино растојание е 2,45 метри (+2 cm). Примената на новата платформа Heartect донесе минимизација на просторот за мотор, во корист на зголемувањето на просторноста во кабината. Suzuki наведува растојание од 1,91 метар меѓу арматурната табла и задната клупа. Зафатнината на багажникот е зголемена на 265 литри, што е за 54 литри повеќе од досега. Според првичните информации, тежината на основниот модел според ЕУ-нормите би изнесувала 935 килограми, што е драстично намалување на тежината за точно сто килограми во споредба со постоечкиот Swift.
Напредните системите за асистенција пристигаат и во Suzuki
Премиера во Suzuki доживува можноста за доплата за системот DSBS, кој преку податоците од камера и ласерски сензор проценува опасност од судир и самостојно го запира возилото заради избегнување на судирот или намалување на повредите. Вториот нов систем за асистенција што пристига во марката со новиот Swift е автоматската контрола на долго светло. За комплетирање на системите за асистенција што се водат како „пакет за безбедност“ пристига и приспособлив темпомат, којшто самостојно го подзапира Swift кога напред има побавно возило и ја следи неговата брзина.




















