Subaru Legacy во регионов го познаваат веројатно само фановите на јапонската марка. Неговиот наследник би требало да го забележуваат повеќе луѓе, главно поради воинствениот изглед.
Каков е овој Subaru? Со испрчената маска и со огромната дупка во хаубата, Levorg изгледа како бодибилдер што претерал со земањето анаболици. Ваквиот храбар настап е многу поразличен од тоа што јапонската марка го негуваше досега во дизајнот на своите модели. Тоа е веќе минато, исто како и моделското име Legacy на европскиот пазар. Место него се појавува автомобил чие што име произлегува од „Legacy Revolution Touring“. Скусено и смалено, ова комби ќе продолжи таму каде што заврши четвртата генерација на Legacy во 2009 година, пополнувајќи го просторот меѓу Impreza и Outback.

Повеќе колорит се забележува и во кокпитот, и тоа повторно е вистинско изненадување во споредба со умерениот и конзервативен настап на моделите на Subaru досега. Огромниот дисплеј во средишната конзола е позициониран совршено, многу подобро отколку кај повеќето модели во средната класа, додека на вториот и помал дисплеј на врвот на конзолата се следат информациите од патниот компјутер, придружени со интересна анимација на погонот. Шарено е и директно пред возачот, со инструменти со модерен изглед и со уште еден дисплеј во средината. Во поскапите моделски изведби се забележуваат и штепови на кожата во средишната облога во контрастна боја, исто како и по стреата над средишната конзола, но и фино обработени украсни панели по арматурната табла.
Боксер мотор, симетричен погон на сите тркала: Мора да биде Subaru
Тоа што отсекогаш било силна страна на големите комби-модели на Subaru е просторноста во кабината и широкоградата зафатнина на багажникот. Зад клупата има простор со големина од 522 литри, за со соборување на клупата да се добијат максимални 1.446 литри. Комодитети од типот на електрично ракување со капакот на багажникот или автоматско намотување на прекривачот не треба да се очекуваат во Levorg, исто како и далечинско отворање на багажникот. Затоа пак, задната клупа може да се собори во еден потег, со притискање на копчето настрана во багажникот.
Продажбата на новото комби од средната класа е веќе стартувано на поголемите пазари низ Европа, со неколку различни нивоа на опрема, но секогаш со еден ист мотор. Под хаубата работи комплетно нов 1,6-литарец, со турбонатполнење и директно впрскување, по кого што следи безстепен автоматик со име Lineartronic и шест „виртуелни“ степени на пренос, како и разделен преносник што ја распределува моќта на сите тркала. Секако дека Levorg не би бил вистински Subaru ако моторот под хаубата не е боксер-мотор.
Добро за џебот и за комфор: Со 250 Nm уште при 1800 вртежи, боксерот повлекува мошне рано
Турбо-бензинецот смален на 1,6 литар ослободува 170 КС веќе при 4.800 вртежи и располага со солидни 250 њутнметри, послужени во континуитет меѓу 1.800 и 4.800 вртежи. Старт-стоп следува како стандард, како уште една мера за потрошувачката на гориво да се одржува во разумни рамки, со декларирани 6,9 литри на сто километри. Забрзувањето до сто трае 8,9 секунди, крајната брзина е 210 километри на час.
Нешто недостига? Дизел мотор можеби? По разоткривањето на вистинската еколошка (не)погодност на актуелните дизел мотори со енормна емисија на штетни азотни оксиди и по бурната реакција на институциите, отсуството на дизел мотор во понудата се помалку е недостаток.
















