Стелантис на пат да ја продаде марката Масерати

Продажбата на Масерати во минатата година се преполови и се сведе на само 11.300 возила. На сликата е суперспортскиот МЦ20, што стартуваше во 2020 година.

Концернот Стелантис ја разгледува можноста да ја продаде проблематичната марка Масерати. Тоа е само една од можностите, наведуваат два извори што се запознаени со случувањата. Стелантис го преиспитува своетo портфолио во коешто влегуваат 14 марки.

На барањето од Ројтерс за коментар, претсtавник на Стелантис кажа: „Со сета почит, Масерати не е за продажба.“

Разговорите за иднината на Масерати почнаа уште пред новиот извршен директор Антонио Филоса, кој ќе стапи на должност на 23-ти јуни, додека со концернот управуваше претседателот Џон Елкан, потомок на моќната италијанска фамилија Ањели.

Кога Елкан почна да ги интервјуира кандидатите за местото на извршен директор, рентабилноста на француско-италијанскиот производител на автомобили со своите 14 марки – меѓу кои Крајслер, Алфа Ромео, Пежо, Џип – беше од клучна важност.

Исто како останатите европски производители на автомобили, 4-от најголем автомобилски концерн во светот се соочува со високите царини во САД, што ги воведе претседателот Трамп. Дополнителен притисок доаѓа од кинеските ривали.

Стелантис во почетокот на април ја ангажираше консултантската кужа Мекинзи, за совети како царините во САД ќе влијаат врз продажбата на Масерати и Алфа Ромео, за двете италијански марки да ја испланираат иднината. Стелантис тогаш потврди дека нема намера да се откаже од двете марки.

Како што два извори наведуваат за Ројтерс, меѓу опциите што ги гледа Мекинзи, сепак се спомнува и можност за продажба на Масерати, којашто е единствена луксузна марка во целиот концерн. Такви биле сознанијата во почетната фаза од анализата на Мекинзи.

Иднината на Масерати веќе подолго време е тема во Стелантис.

Откако Масерати пријави значително намалена продажба и големи финансиски загуби во првото полугодие од 2024, поранешната директорка за финансии на Стелантис, Натали Најт, најави дека „во иднина може да дојде момент“ кога групацијата ќе провери „кој е најдобриот дом“ за луксузната марка.

Даг Остерман во минатиот октомври беше назначен за нов директор на местото на Најт.

Претходникот на Филоса, Карлос Тавареш, кој се повлече во декември, поради лошите резултати во САД, во октомври најави дека секоја марка ќе биде преиспитана најдоцна до 2026 година.

„Ќе ги провериме резултатите на секоја марка (на Стелантис) на две третини од целта на нашиот план Храбро Напред со 2030, така што можете да очекувате решенија за две до три години,“ им соопшти Тавареш на новинарите во октомври.

Некои инвеститори и аналитичари ценат дека профитот на Стелантис ќе се зголеми доколку се скуси бројот на марки. Во споредба со март лани, акциите на Стелантис изгубија две третини од вредноста.

Продажбата паѓа

Продажбата на Масерати во 2024 се намали за повеќе од половина, на само 11.300 возила. Марката објави оперативна загуба од 260 милиони евра за минатата година.

Масерати во моментов нема најавено нови модели што чекаат премиера, додека се чека новиот бизнис план. Претходниот план беше стсавен во мирување во минатата година. Директорот Санто Фичили во почетокот на месецов кажа дека планот може да биде објавен по кусо време откако новиот шеф Филоса ќе ја преземе функцијата.

Еден од изворите наведува дека Стелантис се соочува со реалноста на фактот дека има премногу марки, поради што не може правилно да се инвестира во секоја од нив.

Мора да се постават приоритети, наведува изворот.

Управниот одбор е со поделени ставови

Управниот одбор не е едногласен околу плановите за Масерати.

Некои членови ценат дека Стелантис не е во состојба да постигне силен нов старт за Масерати и дека продажбата е најдоброто решение. Други ценат дека Масерати е вредна марка и дека со продажбата на единствената луксузна марка на Стелантис ќе се наруши репутацијата на концернот.

Меѓу заинтересираните купувачи за европските автомобилски марки се кинеските производители, како Чери. Со таков чекор, Кинезите ќе си обезбедат поцврсти темели за освојување на пазарот, каде што купувачите уште се сомневаат во кинеските марки.

Сличен таков пример беше одлуката на САИЦ да го купи банкротираниот МГ Мотор, легендарна британска марка автомобилин, и да ги продава своите модели под марката МГ, како и купувањето на Волво од страна на Џили во 2010 година.

Претходна објаваРено и Стелантис бараат ЕУ да ги попушти законите и да овозможи евтини автомобили
Следна објаваКинеските марки со историски удел во Европа, држат 5,4% од пазарот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here