Масерати пред исфрлување од концернот по разочарувачкото прво полугодие

Грекале Фолгоре, електричен СУВ од средна класа. Грекале е единствениот големоволуменски модел на Масерати, но продажбата опадна нагло во првото полугодие.

Откако Масерати пријави нагло намалување на продажбата и значителна финансиска загуба во првото полугодие, директорката за финансии на концернот Стелантис, Натали Најт, вели дека „во иднина може да дојде до момент“ кога групацијата ќе бара „кој е најдобриот дом“ за луксузната марка.

Глобалната продажба на Масерати опадна за повеќе од 50 проценти, на 6.500 примероци од јануари до јуни, во споредба со 15.300 возила во истиот период лани, објави Стелантис. Марката забележа оперативна загуба во висина од 82 милиони, наспроти профитот од 121 милион во 2023 година. Тоа за годинава дава негативна оперативна маржа од 13 проценти, во споредба со позитивна маржа од 9,2 проценти лани.

„Првото полугодие беше разочарувачко“ кажа Најт во видео-конференција со новинарите на 25-ти јули, што таа оценува дека во најголем дел се должи на укинувањето на голем број модели. Кон завршетокот на минатата година, Масерати престана со производство на лимузината од средна класа Гибли и на големата лимузина Кватропорте, за на завршетокот на март да заврши и производството на големиот СУВ-модел Леванте.

Во исто време опадна продажбата на СУВ-моделот од средна класа Грекале. Во Европа, продажбата на Грекале се намали за 42 проценти, на 2.108 возила, откриваат податоците од Датафорс.

Понудата од модели на Масерати во моментов се состои од Грекале, единствениот големоволуменски модел на марката, како и од два ниш-модели, купето Гран Туризмо и неговата кабриолет изведба Гран Кабрио, и суперавтомобилот МЦ20, со каросерија од карбон, којшто се изработува во купе и родстер изведба.

Прашана дали разочарувачките резултати по три и пол години под надлежност на Стелантис значат дека марката може да стане предмет на продажба или осамостојување, директорката кажа, „иднината е околу тоа, како да задржиме највисока вредност“, додавајќи дека во Стелантис во моментов се посветени на подобрување на марката.

„Можно е во иднина да дојде момент кога ќе бараме кој е најдобриот дом за Масерати“, кажа таа.

Најт вели дека Масерати во моментов играл во сегменти во коишто се нагласуваат силните страни на марката, а тоа се спортските автомобили и луксузните СУВ.

Притисок да се најде профит

Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, во видео-конференција со новинарите подоцна во текот на денот даде знак, дека на непрофитабилните марки нема да им се дава неограничено време за да најдат цврста потпора. Масерати е единствената марка за којашто  концернот посебно ги објавуваа профитот и загубата.

„Доколку тие не прават пари, ќе ги затвориме“, кажа Тавареш одговарајќи на прашање, дали групацијата со своите 15 марки, има премногу усти за хранење. „Тоа е мошне едноставно, затоа што зборуваме за тежок период на транзиција, во којшто не можеме да си дозволиме марки што не прават пари.“

Специјална изведба Легенда од суперспортскиот МЦ20 на Фестивалот на брзината во Гудвуд годинава.

Тавареш реагира откако Стелантис ги објави првите разочарувачки резултати за трите и пол години на Масерати под закрила на концернот, со нето приход намален за 48 проценти во првите шест месеци, во висина од 5,6 милијарди евра.

Португалецот претходно кажа дека за секоја марка на компанијата бил поставен 10-годишен стратешки план и дека првите пет години на Масерати веќе биле одобрени и целосно покриени финансиски.

Доцнат новите модели

Потребни се неколку години додека Масерати повторно изгради понуда од модели. Новите модели нема да се појават пред 2027 година.

Електрична изведба од МЦ20, со ознака Фолгоре, треба да се појави в година, но таа нема да смени многу. Масерати во првото полугодие продаде 97 примероци од МЦ20 во Европа, наспроти 202 возила во истиот период лани.

Кон завршетокот на јануари, Масерати објави дека целосно електричен наследник на големиот кросовер Леванте ќе биде прикажан во 2027 година, две години подоцна од првичните планови. Следната генерација на големата лимузина Кватропорте, пристига во 2028 година, со три години задоцнување.

Според луѓе што се упатени во случувањата, Масерати во моментов размислува да го лансира наследникот на Леванте по големата лимузина во 2028 година, што значи дека вкупното доцнење ќе се одложи на преку четири години.

Масерати Гран Кабрио е еден од четирите преостанати модели на марката.

Продажбата на Масерати беше стабилна во 2023 и 2022 година, со по околу 26.000 возила, но профитабилноста почна да се губи уште од втората половина од минатата година, кога маржата изнесуваше 20 милиони евра, или 1,9 процент.

Масерати во првото полугодие од 2023 пријави чиста оперативна добивка од 121 милиони евра, речиси двојно повеќе во споредба со истиот период во 2022. Маржата со чистата оперативна добивка се искачи од 6,6 на 9,2 проценти.

Најт во јули лани кажа дека Масерати била на пат да постигне „одржлива“ маржа од 15 проценти за следната година, како и дека во подолг рок се цели на 20 проценти маржа.

Во 2020 година, извршниот директор на Фиат Крајслер Аутомобилс, Мајк Манли, кажа дека Масерати имал цел да достигне продажба од 75.000 возила до 2025 година, со електрична изведба од секој модел во понудата.

Претходна објаваПет големи работи околу Фиат Гранде Панда
Следна објаваНовиот Фолксваген Транспортер – Совршено работно место за професионалци во движење

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here