Концептот Вижн О го прикажува идниот дизајнерски јазик, којшто внесува детали со висока технологија, во спој со аеродинамичен облик и „минималистичка“ естетика, порачуваат од Шкода.
Серискиот модел што ќе произлезе од Вижн О, ќе влезе во продажба по 2026 година, односно подоцна од првичните планови. На тој начин ќе се овозможи серискиот модел да ја користи новата платформа ССП (скалеста системска платформа) на концернот Фолксваген.
Концернот Фолксваген во мај соопшти дека првиот модел врз платформата ССП ќе биде претставен во 2027 година.
Извршниот директор на Шкода, Клаус Целмер, кажа дека електричното комби не е приоритет на марката, затоа што комби изведбата од Октавија со мотори со внатрешно согорување се продава одлично.
„И натаму сме пазарни предводници со големо предимство,“ изјави шефот на настанот за медиуми на концернот, што беше одржан на 7-ми септември, пред отворањето на салонот ИАА во Минхен, којшто трае до 14-ти септември.
„Сите посведочивме на забавувањето на трансформацијата во насока на батериските електрични автомобили, и не сакаме да имаме вишок погонски единици во секој сегмент,“ кажа Целмер.
Со одложениот старт, на возачите на Октавиа што минуваат многу километри, ќе им се понуди нова технологија, којашто вклучува автономно возење, подолг досег и побрзо полнење, посочи шефот.
Октавиа е најпродавано комби во Европа во првите седум месеци од годинава, со продадени 70.518 примероци, повеќе од Фолксваген Пасат со 43.824 возила. Седмо најпородавано комби е Шкода Суперб со 23.403 возила.
Расте побарувачката за електричните комби модели
Електричните комби модели стекнуваат популарност, при што посебно се издвојува комбито од средната класа ИД.7 на Фолксваген. Ауди исто така пушти во продажба комби изведба од својот нов електричен А6 Е-трон.
Концептот Вижн О е долг 4.850 милиметри, што е повеќе од концептот што Шкода го прикажа претходно во 2023 година, во облик на скултура, долг 4.700 милиметри.
Шкода ја рекламира просторноста на возилото, посочувајќи на багажникот со зафатнина од 650 литри, односно најмногу 1.700 литри со соборена клупа.

Во кокпитот е главен Шкода Хоризон Дисплеј, што се протега долж целата арматурна табла. Клучните податоци се прикажуваат „непосредно во видното поле на возачот,“ посочуваат од Шкода.
Вториот средишен дисплеј е поставен исправено и прикажува дополнителни податоци. Двата може да се контролираат или преку сензорски полиња во арматурната табла, или преку централното копче за брзо ракување.

Во кокпитот е главен Шкода Хоризон Дисплеј, што се протега долж целата арматурна табла.
Шкода опиша дека автомобилот има способност за автономно возење „освен во тешки услови, како силен дожд и смалена видливост.“
Во режимот за автоматско возење, светлата ја менуваат шемата и светат различно, за на останатите учесници во сообраќајот да им се укаже дека робот управува со возилото. Тоа важи и за главните „Сајбер светла“.
Возачот и патниците добиваат повеќе можности за гласовна контрола преку дигиталната асистентка што се води под името Лаура. Преку гласовни команди може да се ракува со инфо-забавата или да се намести навигацијата. Лаура може да кажува и информации за знаменитостите на коишто се наидува по пат.

Во кабината светат „био-приспособливи“ светла што се раководат според природната светлина и на тој начин создаваат средина за опуштање.
Меѓу корисните ставки што се дел од прочуениот пристап Симпли Клевер на марката, спаѓаат четири чадори вградени во возилото, ладилник и „помошник за товарење“, што овозможува возачот оддалеку да го подготви возилото за превоз на големи или тешки предмети. Тоа меѓу другото подразбира и соборување на задната клупа.
Следниот батериски електричен модел на Шкода е малечкиот СУВ-автомобил Епик, што Чесите го прикажаа во маскирана форма. Продажбата ќе започне в година. Автомобилот користи иста платформа со идниот Фолксваген ИД Крос и ќе се произведува заедно со него во Памплона, Шпанија. Цените почнуваат од 25.000 евра, најави Шкода уште во 2024 година.
Видеото од тестот на Шкода Октавиа во Аутомедиа
В година се очекува и голем електричен СУВ со седум седишта, којшто беше најавен преку концептот Вижн 7С.
Шкода е 4-та најпродавана марка електрични автомобили во Европа, во првите седум месеци од годината, со продадени 87.326 возила. Скокот од 158 проценти во продажбата на БЕВ се должи главно на успехот на новиот СУВ модел од компактна класа Елрок.















