Концернот Фолксваген покажува мускули: Премиери на ИД Крос, Шкода Епик, 911 и Скаут на ИАА 2025

Во средиштето на настанот на концернот беше семејството малечки автомобили со електричен погон на база на ИД Поло. Првпат во Германија се појави и најголемиот Фолксваген.

Фолксваген во неделата, ден пред отворањето на ИАА Мобилност, организираше настан на ниво на концерн, на којшто го прикажа семејството малечки авотмобили со електричен погон.

Покрај ИД Поло, којшто беше прикажан непосредно пред да почне салонот ИАА, во ова семејство спаѓаат неговата СУВ-изведба ИД Крос, па нејзиниот сестрински модел Шкода Епик и шпанската верзија на ИД Поло, Купра Равал. Додека двата комбилимузински модели се сериски модели што се маскирани со фолија, СУВ-изведбите уште се водат како студиски автомобили.

ИД Крос е електричен близнак на Фолксваген Т-Крос, но благодарение на електричниот погон располага со повеќе простор во кабината. Тоа го овозможува усовршената модуларна платформа МЕБ+, наменета за електрични возила. Оваа платформа првпат се користи во нејзината изведба со преден погон кај семејството малечки електрични автомобили на концернот.

ИД Крос го користи стилот на ИД Баз, со трите ленти во задните столбови, што личат како отвори за воздух и што ќе ги поседува и серискиот модел.

МЕБ+ со преден погон

Бидејќи погонот е префрлен назад и не мора да се остава резерва за верзија со погон на сите тркала, ИД Крос со своите 4,16 метри должина нуди багажник од 450 литри. Дополнително има простор од 25 литри под предната хауба. Внатре владее амбиент како во салон. Седиштата може да се соборат и да се претворат во лежај.

Радува тоа што сензорските полиња се напуштени не само во воланот, туку физички копчиња се користат и за ракувањето со климата. Сопственици на бројни модели на Фолксваген се жалеа за сотверските полиња.

Студиски автомобили блиску до сериско производство

ИД Крос на главниот дизајнер Андреас Минт остава мошне цврста појава, со чисти површини и бројни хоризонтални елементи што ја нагласуваат ширината, како напред, така и назад. Трите ленти во задните столбови, што ИД Крос ги позајми од култниот ИД Баз и потсетуваат на отвори за воздух, ќе бидат задржани кај серискиот модел.

Уште почист е дизајнот на Шкода Епик, како чешка верзија на ИД Крос. Дизајнерот Оливер Стефани продолжува со стратегијата „солидно модерно“ и комбинира чиста странична линија со многу посмирен преден дел во споредба со верзијата на Фолксваген. Така изгледа само на прв поглед, затоа што Епик е многу поблиску до сериски модел, отколку салонскиот примерок на германската марка.

Шкода Епик уште се води како студиски автомобил, меѓутоа е поблиску до својата сериска изведба, отколку ИД Крос.

Досег до 420 километри

Техничките податоци секако дека се исти кај двата модели. Се работи за досег до 420 километри. Фолксваген наведува и податок за моќност од 155 кВ/211 КС. Во моментов нема податоци за брзината на полнење и големината на батеријата. Се чека и потврда за цените. Кај ИД Поло, веќе е извесно дека основната изведба ќе чини под 25.000 евра. СУВ изведбите ќе бидат соодветно поскапи.

Шефот на Шкода, Клаус Целмер, на презентацијата откри дека Епик ќе се нуди по иста цена на повеќе пазари, исто како и моделот со мотори со внатрешно согорување Шкода Камик. Тој во Германија во моментов почнува од 25.330 евра.

Купра Равал е шпанската варијанта на ИД Поло меѓутоа има поостра линија

Купра Равал со моќност до 225 КС

Сериските изведби на двата СУВ модели ќе бидат прикажани во средината на 2026 година. Наспроти тоа, ИД Поло и Купра Равал ќе се ослободат од маскирната фолија уште во следната пролет. Додека Поло верно го следи студискиот автомобил ИД 2 Ол и со широките задни столбови го прикажува главното стилско обележје на секоја генерација на Голф, Равал под фолијата се чини дека е многу поумерен од студискиот автомобил што беше негова најава. Равал е населба во Барцелона во којашто се одвива бурен ноќен живот.

Се забележуваат поострите рабови во споредба со ИД Поло и впечатливите светла, но останатите поединости ќе станат видливи дури при премиерата. Исто како ИД Поло, Купра е долга околу четири метри. Технички поединости недостигаат, единствено се спомнува моќност од 225 КС, во врвната изведба со тркала од 19 инчи. Таа ќе биде пандан на веќе најавениот ИД Поло ГТИ.

Фолксваген ќе го понуди електричниот ИД Поло по цена под 25.000 евра

Оливер Блуме го гледа концернот Фолксваген како предводник

Семејството малечки автомобили со елеткричен погон, што беше прикажано од шефовите на марките, Томас Шефер (Фолксваген), Клаус Целмер (Шкода) и Маркус Хаупт (привремен извршен директор на Сеат/Купра), доби главно место на настанот на ниво на цел концерн, пред отворањето на ИАА Мобилност.

Шефот на концернот Оливер Блуме, на настанот повтори дека Фолксваген со овие модели повторно докажал дека е достоен да биде технолошки предводник во светската автомобилска индустрија. Но, тоа се само дел од главните новитети.

Првиот човек на Ауди, Гернот Делнер, на бината го повика салонскиот автомобил Концепт Ц, кого што јавноста го виде првпат пред само неколку денови. Овој автомобил со својот чист дизајн најавува ново поглавје на дизајнот на марката Ауди, но со него доаѓа и ново поглавје во стратегијата на марката. Оливер Блуме, кој уште е со две функции, како извршен директор на целиот концерн и шеф на Порше, пред медиумите го покажа новиот Турбо С, најсилниот 911 досега.

Порше користи хибриден погон во својот најсилен модел

Порше и во врвниот модел на својата матична серија вградува 3,6-литарски 6-цилиндарски боксер мотор со 400-волтен систем Т-Хибрид. Системската моќ изнесува 711 КС, вртежниот момент достигнува 800 њутнметри. Со помошта од електромотор, турбо-дупката станува минато. „Елферот“ спринтува до темпо сто за 2,5 секунди, што е за две десетинки подобро од претходникот. Цената е 271.000 евра.

Слична цена, па можеби и малку над тоа, ќе има Фолксваген ИД Баз АД, којшто пред само неколку седмици ја доживеа својата светска премиера во Хамбург, а за време на ИАА во Минхен ќе привлекува внимание додека самостојно се движи по улиците на градот, без возач.

Овој „самоуправувачки“ ИД Баз со автономија од Ниво 4 сепак не е предвиден за приватни купувачи. Истото важи и за ИД Баз што е лакиран во жолто зелена боја и дело е на Роуен Марли, синот на реге-легендата Боб Марли. Тоа е омаж на Т2 што го поседуваше неговиот славен татко.

Скаут првпат го прикажа својот голем пикап Тера во Германија

Скаут првпат во Германија

Во Минхен допатува и Скот Кијоу, шеф на Скаут, марка од САД што Фолксваген ја врати во живот. Тој првпат го „спакува“ и новиот пукап на Скаут, којшто ја освои бината со своите габарити. Кијоу е убеден дека со овој модел што ќе се произведува во чисто електрична изведба и во верзија со продолжувач на досег (генератор со погон на бензин), Фолксваген точно го погоди нервот на пазарот во САД.

Сериското производство на моделите на Скаут треба да започне во 2027 година. Во моментов се гради фабрика во Колумбија, Јужна Каролина. Концернот има големи надежи со тешките пикапи и СУВ на пазарот во САД, каде што важат високи царини за автомобилите од увоз. Концернот се надева и дека ќе ја искористи фабриката на Скаут, во преговорите со Вашингтон. Фолксваген сепак вложува две милијарди долари на пазарот од другата страна на океанот.

Претходна објаваНовиот Мерцедес ГЛЦ прво во електрична изведба, како одговор на предизвикот од БМВ и-Икс-3
Следна објаваШкода ќе го продава електричниот Епик по цена на бензински Камик

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here