Фортинг на ИАА Минхен со електричен СУВ со генератор за екстра досег

Фортинг, марката што на македонскиот пазар се прослави со Т5 Ево, привлекува внимание со три премиери на салонот ИАА во Минхен. Сите имаат електромотор во погонот.

Кинескиот производител Фортинг, којшто е дел од групацијата Донгфенг Мотор, постави три нови модели на својот штанд на најголемиот салон на автомобили годинава, на ИАА Мобилност во Минхен.

Моделите со ознаки 4 ПХЕВ, 7 РЕЕВ и 9 ПХЕВ немаат звучни имиња, но тоа не го менува нивното значење, како предводници на новата генерација модели на Фортинг. Како што сепак откриваат кратенките, станува збор за два приклучни хибриди и еден електричен автомобил, што дополнително поседува генератор/бензинец, за патување на подолго растојание.

Фортинг го рекламира своето салонско трио на салонот ИАА Мобилност 2025, посочувајќи го современиот дизајн, напредната техника и штедливите погони. Според тоа што претходно го има докажано Фортинг Т5 Ево, еден од најпродаваните автомобили од кинески производител на македонскиот пазар, за верување е тоа што овој производител го кажува за своите модели.

Двете погонски варијанти се новина за познавачите на моделската понуда на Фортинг. Покрај класичниот 1,5-литарски турбо-бензинец со 200 КС од Мицубиши, Фортинг досега има понудено полн хибрид со два погонски електромотори и иновативен пренос во Фортинг Т5 Ево Хибрид – што во меѓувреме беше на тест во Аутомедиа – како и целосно електричен погон во Фрајдеј ЕВ, којшто е чисто електрична изведба на база на Т5 Ево.

Приклучниот хибрид и електричниот погон со продолжен досег, односно рејнџ-екстендер во моделите од ИАА Минхен, се новина за Фортинг, иако и двата видови погон веќе се вградуваат во останатите марки на групацијата Донгфенг.

ДФСК Е5 е најдостапниот модел со приклучен хибриден погон на македонскиот пазар, иако станува збор за СУВ од средна класа

Погонот со приклучен хибрид е „најсигурниот“ начин да се вози на струја, затоа што секогаш кога ќе биде потребно да се извози подалеку, на располагање е бензинецот. Во вториот случај, кај електричниот погон со продолжен досег, дополнително е вграден генератор, односно мал бензинец, којшто произведува електрична енергија и ја насочува кон батеријата, а оттаму на крајот црпи погнскиот електромотор. На тој начин се постигнува уште поголема автономија, и на струја, и на бензин.

Вториов вид погон се пробива со огромна брзина на кинескиот пазар, а откако Фортинг и колегите сонародници ќе ги донесат овие модели во Европа, мошне е веројатно дека купувачите и тука ќе одговорат со одушевување.

Моделската офанзива по ИАА Минхен ќе добие продолжение кон завршетокот на годината, за кога Фортинг го најавува 5 РЕЕВ.

Новитетите на ДФМ Фортинг на ИАА Мобилност 2025 кусо

ДФМ Фортинг Ју-Тур, односно Фортинг 4

ДФМ Фортинг 4 ПХЕВ е луксузен ван од 4,85 метри со седум седишта, којшто веќе се нуди на македонскиот пазар во изведбата Ју-Тур со класичен турбо-бензинец. Разликата кај 4 ПХЕВ е во тоа што тука работи приклучен хибрид. Системската моќност изнесува 235 КС, со батеријата од 20,1 кВч може да се вози на струја до 90 километри. Потоа возењето продолжува со хибриден погон, со резервоар од 50 литри бензин. Цената на германскиот пазар изнесува 36.995 евра.

Фортинг С7 е основа за моделот со продолжен досег

ДФМ Фортинг 7 РЕЕВ е луксузна спортска лимузина, којашто се базира на чисто електричниот С7, но тука дополнително стои на располагање бензински генератор, што дозволува возење на долго растојание, без зависност од електричен полнач. Моторот е 1,5-литарски со 209 КС, погонот е назад. Резервоарот е со зафатнина од 45 литри. Кога се вози на струја, досегот е 180 километри, со батерија од 28,4 кВч. При возење во град со погон на бензин, потрошувачката е 5,5 литри. Цена во Германија: 37.995 евра.

ДФМ Фортинг 9

ДФМ Фортинг 9 ПХЕВ е луксузен ван со седум седишта и должина од преку 5,2 метри, во изведба со приклучен хибриден погон, којашто му се придружува на моделот со класичен хибриден погон. Опременоста е врвна, меѓу другото со електрично местење на задните седишта, масажа напред, електрично затворање на задните врати, панорамски покрив и уште бројни ставки. Цената за ПХЕВ не е соопштена, моделот со класичен хибрид во Германија чини 48.995 евра.

Фортинг Фрајдеј, основа за новата варијанта со продолжен досег

Фортинг 5 РЕЕВ е варијанта на Т5 Ево и го користи истиот вид на погон како 7 РЕЕВ, меѓутоа со послаба моќност и поумерени перформанси, но пак со електричен досег до 170 километри и потоа со горивото во резервоарот од 43 литри, при просечна потрошувачка од 5,6 литри на сто километри. Цената во Германија: 35.995 евра.

Претходна објаваШкода го чепка пазарот со концепт на електрична Октавиа Комби
Следна објаваРено може да се одбрани од кинеската закана, верува новиот шеф Франсоа Прово

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here