Фортинг Т5 Ево Хибрид · Тест · Седум часови понапред од очекувањата

Патот по којшто Донгфенг ја освојува македонската автомобилска сцена личи како добро филмско сценарио. Пресвртницата се случи со ДФСК Глори 580, голем СУВ за семејни потреби, со сите одлики, не најевтин, но достапен. По него следеше моделот што понуди многу за малата цената, ДФСК Глори 500, СУВ од градската класа и веројатно модел со најдобра противвредност на целиот пазар.

За да избалансира и да покаже дека Донгфенг нема намера понатаму да нуди сé поевтини и поевтини модели, следен новитет беше купе-СУВ моделот Ф5, фино парче кинеска автомобилска култура. Едно време се чинеше дека работите ќе останат на таа моделска тројка и дека таа понуда ќе остане додека не се засити пазарот.

Тогаш се случи следната сензација, Фортинг Т5 Ево, ништо помалку од СУВ од компакт класа, што очигледно е развиен со намера да биде премиум автомобил. Дизајн, просторност, најудобно возење – и мотор Мицубиши, од Лансер. Комплетен автомобил. Во меѓувреме, кинескиот Ево се појавува насекаде. Кола од 30.000 евра.

Кругот се заврте, дојде време за Глори 600, сега како модел под марката Фенгон, место ДФСК, што во основа не менува многу, затоа што сé e Донгфенг. Шестотката е наследничка на Глори 580 и убеди со сериозната и самоуверена појава. Но, новиот круг донесе големи промени. Глори 600 има внатрешни вредности, буквално. Кабината е изработена како модел на Ауди, изненадувачки квалитетно, со површини со финиш на дрво, за коишто многумина ќе веруваат долго дека тоа е вистинско дрво.

Додека сцената се радуваше на уште една марка на Донгфенг, Еолус, со нејзината купе-лимузина Шајн, со цена од 16.000 евра, во АБЦ Брадер веќе се вадеа заштитните најлони од следниот новитет. Никој друг, туку токму Фортинг Т5 Ево, но со хибриден погон. Со овој чекор, Донгфенг повеќе не жонглира со цени, големина, просторност, опременост, силни мотори, туку нуди технологија. Хибридот уште еднаш ја менува играта на кинескиот производител.

Донгфенг со хибридниот погон внесува технологија во приказната

Фортинг Т5 Ево ХЕВ, од Хибрид Електрик Виакл, односно хибридно електрично возило, доаѓа и со технолошки угледен погон, и со унапредувања во изгледот, во облагородувањето, во опремувањето во споредба со самиот Т5 Ево. Носот доби шпиц како Ламборгини Урус, браникот е изведен со комбинација од површини со изглед на карбон, со сјајно црно лакирани делови, со делови лакирани во боја на каросеријата. Изгледот стана уште подинамичен.

На тоа се надоврзуваат масивни прагови отстрана, скапо изработени тркала, сосем различен заден браник, со задолжителните два пара дебели издувни цевки и со воздушни џебови во задните крила како кај италијански болид.

Стаклениот покрив што прави небото да изгледа уште посино, веројатно користи технологија и за тоа, што е малку потешко да се дознае, затоа што деновиве малкумина го познаваат кинескиот јазик. Сосем е извесно дека во стаклото има вградено многу технологија, затоа што ноќе, кога човек ќе помисли колку се сјајни ѕвездите на небото, дознава дека тоа што свети се ѕвездите во самиот покрив. Одушевувачко нешто.

Човек вистински ја засакува оваа кола кога ќе ја погледне внатрешноста. Седиштата имаат многу поспортска форма, но не премногу, во споредба со Т5 Ево, а посебно се впечатливи по тоа што се украсени со шари во некоја зелено-жолта боја, како скапи патики. Сериозни се луѓево во Донгфенг. Не се завршува на тоа дека седиштата се спортски и шарени, туку материјалот е пријатен на допир како квалитетна напа кожа, и шарите се изведени со шиење.

Тука и таму има по некој детал изведен во зелено-жолтата боја, што очигледно е заштитен знак на Т5 Ево ХЕВ, но најголемото удоволување следи кога ќе се забележи бикот во истата таа боја, што е изведен како тридимензионално тело во главата на рачката на менувачот од акрил. Бикот стои на примероците што се продаваат во Кина, додека за европскиот пазар, Т5 Ево се испорачува со знакот на Донгфенг. Бикот се покажува и како светлосен ефект врз земја, кога ќе се отворат вратите.

Техничките податоци и цените за Фортинг Т5 Ево ХЕВ на веб-страницата на увозникот АБЦ Брадер

T5 HEV

И, тоа би било сосем доволно, за Т5 Ево ете да се нуди и со хибриден погон, ако некој толку милува да вози така. Најголемото изненадување, а реално сензација, всушност е самиот хибриден погон. Него го сочинуваат 1,5-литарски турбо мотор со 170 КС и 280 њутнметри – што се заснова на блок на Ситроен, а понатаму сé е Донгфенг – на два електромотори со моќност од по 130 киловати и вртежен момент од 300 њутнметри, батерија од 2 киловатчасови, вградена во багажникот, поради што се одзема малку од просторот. И еден степен на пренос.

Некој можеби ќе помине покрај фактот што Т5 Ево ХЕВ располага со само еден степен на пренос, но тоа е целата сензација. За разлика од Тојота, каде што се користи менувач со постојано променлив преносен однос и фин систем од планетарни запеници, тука практично не постои менувач. Како може тоа?

Целата технологија е во тоа што хибридниот Т5 Ево располага со два електромотори. Едниот од нив, преку едноставен систем од запченици добива погон директно од самиот бензинец. Моторот е тој што го врти едниот електромотор. Тој, пак, создава електрична енергија, којашто понатаму се пренесува до инверторот. Мал дел од енергијата од инверторот се пренесува кон батеријата, ако воопшто има потреба за тоа, чисто заради резерва, додека главнината оди кон погонскиот електромотор, којшто понатаму е поврзан со класичен диференцијал, и оттаму конечно се пренесува силата до погонските тркала, напред. Фантастично.

Првиот дел од тестот и возењето до езеро Лисиче, Велешко

Знакот дека се работи за нешто посебно, се препознава кога при забрзување ќе се забележи дека Фортинг повлекува моќно напред, биднува полукатапултиран од погонската моќ, меѓутоа моторот за тоа време само малку ги качува вртежите. Погонскиот електромотор е тој што го влече Т5. Меѓу двата електромотори, патем, не постои никаква механичка врска.

Ова е најдобриот електричен автомобил што вози на бензин. Тоа збунува многу и урива секаква логика, меѓутоа е вистината. Уживање е возењето и различното чувство во секакви услови – град, автопат, планина, брзо, бавно. Динамиката задоволува, иако се чини дека при темпо над 130, што и без тоа е недозволено по македонските автопати, забрзувањето малку попушта. Тоа не значи дека Т5 Ево ХЕВ е бавен, напротив.

Тоа што е нагласена спортската нота во надворешноста и внатрешноста, не е напразно. Хибридов навистина постигнува поголема динамика од Мицубиши-Т5, па и се добива поголема директност и прецизност во управувањето. Навистина спортска варијанта на познатиот СУВ. Ако се има предвид колку е облагороден внатре, ова не е далеку од гран туризмо.

Потрошувачката за време на тестот се движеше упорно околу 7 литри. Поверојатно е дека вредноста може да се придвижи надолу, отколку нагоре. Можеби Тојота РАВ4 ќе потроши литар или литар и пол помалку, но овој погон е создаден за динамика и уживање. Постои и еко-режим, меѓутоа неговото постоење беше откриено непосредно пред завршетокот на тестот. Веројатно и радиото работи добро.

Хибридот е тоа што прави Фортинг Т5 Ево ХЕВ да биде посебен, не цената

Раскошниот погон не ги менува возните својства, барем не во негативна насока. Хибридот е вистинското надградување на моделот што претходно се докажа со мазното и тивко возење, комфорната амортизација, штедливоста, опременоста, просторноста. Со цената од 33.900 евра, Фортинг Т5 Ево ХЕВ, секако дека е најдостапниот СУВ од компакт класата на македонската сцена со хибриден погон, со далеку најголема противвредност, поради опременоста и облагородувањето на кабината. Но, тоа што му дава вистинска вредност е хибридниот погон, различен и оригинален, па ако е веќе дојдено да се споредува, веројатно и позабавен од сите останати хибриди. Донгфенг не завршува тука. Има Е5, верзија на Глори 600 со приклучен хибриден погон, има и малечок електричен Нами Бокс, со цена што почнува со двојка.

Претходна објаваБМВ ги произведе првите пробни примероци од Ное Класе во фабриката во Унгарија
Следна објаваСтелантис одобри да се користи дизел од растително потекло

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here