БМВ ги произведе првите пробни примероци од Ное Класе во фабриката во Унгарија

Од фабриката на БМВ во Дебрецин излегоа првите протитипи за проверка на организацијата на производството за електричниот СУВ од Ное Класе.

Со возилата од Ное Класе, Нова Класа, коишто ќе отпочнат со производство кон завршетокот на следната година, БМВ очекува дека ќе му даде дополнителен залет на своето преоѓање на електричен погон во светски рамки. Моделите што се испланирани ќе донесат голем напредок во досегот, брзината на полнење и во инфо забавните системи.

Почетокот ќе го одбележи СУВ од средната класа, со големина слична со Икс 3, а по него ќе следи лимузина. Првите возила што се користат за проверка на местата на коишто може да се постигне подобрување во производството, штотуку излегоа од новата фабрика на БМВ во Дебрецин, Унгарија.

„Произведувањето на првите возила за тестирање во Дебрецин се важна пресвртница за пуштањето во работа на новата фабрика“, вели шефот за производство на БМВ, Милан Недељковиќ. Со возилата што се на чекор до сериско производство, БМВ воедно ги става на тест и целата логистика и производствените процеси во фабриката. Таму каде што сега ќе се утврди простор за подобрување, соодветно ќе се постапи пред да се даде знакот за отпочнување со сериското производство.

Стартот во Минхен во 2026 година

Иако бројот на делови што се потребни за монтирање во возилата е мал во моментов, тие делови мора да бидат обезбедени за да може да се тестира логистиката во фабриката. Се проверува секој дел и секој чекор во производството.

Посебно внимание се посветува на валидација на најсовремените производствени постројки и алати, вклучувајќи и нивно дигитално поврзување. Во следните месеци постојано ќе се прават подобрувања врз основа на стекнатите сознанија и ќе се зголемува ефикасноста.

На автомобилскиот конгрес во Берлин, шефот на БМВ, Оливер Ципсе, даде одлични оцени за производството во Унгарија. „Во Дебрецин почнува производството на Ное Класе. И повторно би се решил да ја градам фабриката во Унгарија. Тамошните услови се одлични.“

Производство во повеќе фабрики

Во рок од 24 месеци треба да отпочне производството на најмалку шест модели од Ное Класе во светската мрежа од фабрики на групацијата БМВ. Покрај Дебрецин, Шенјанг во Кина (старт во 2026) и Сан Луис Потоси во Мексико (2027), тука спаѓа и матичната фабрика во Минхен.

Во 2026 година во Минхен ќе почне да се произведува лимузината. Една година подоцна, таму престанува ерата на моторите со внатршено согорување. Понатаму, во Минхен ќе се произведуваат само електрични возила. Како што се наслушнува во стручните кругови, БМВ веќе ја спуштил планираната продукција, поради несигурноста на пазарите.

Нови фабрики за батерии за Ное Класе

БМВ гради и мрежа од фабрики за батерии за Ное Класе. Во новата генерација електрични возила првпат ќе се користат иновативните тркалезни ќелии. Со тоа се постигнува повисока енергетска густина (поголем капацитет при ист волумен), се забрзува полнењето и се продолжува досегот.

Монтажата на овие тркалезни ќелии во високонапонска батерија ќе се врши во непоредна близина на фабриките, во Ирлбах-Штраскирхен (Долна Баварија), Дебрецин (Унгарија), Шенјанг (Кина), Сан Луис Потоси (Мексико) и Вудраф во близина на Спартанбург (САД).

Името има долга историја

БМВ намерно го одбра името Ное Класе, за да укаже на технолошкиот напредок што се постигнува со новата плаформа. Во 1961 година веќе постоеше една „Ное Класе“.

Под тоа име се појави спортската лимузина од средна класа БМВ 1500, којашто беше придружена со голем напредок во организацијата на продажбата и во производството. Дополнително беше вложено во нови производствени хали, иновативни производствени постапки и флексибилна производствена мрежа на сите фабрики на БМВ.

Видеото од тестот на БМВ Икс 2

Претходна објаваСузуки Свифт е автомобил на годината во Јапонија
Следна објаваФортинг Т5 Ево Хибрид · Тест · Седум часови понапред од очекувањата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here