Стелантис одобри да се користи дизел од растително потекло

Доставните возила на Фиат со дизел мотор се меѓу бројните модели за коишто Стелантис одобри да се користи ХВО дизел, односно гориво што е добиено од масло за јадење и други органски соединенија.

ХВО се цени како замена за дизелот од фосилно потекло, што одговара за животната средина и едноставно е да се пушти во масовна употреба. Производителите велат дека емисијата на стакленички гасови е 75 до 90 проценти пониска во споредба со обичните дизел горива, гледано во целиот животен век на горивото.

Заменскиот дизел може да се вмеша во обичниот дизел или да се користи чист. Во вториот случај, тоа е ХВО100 гориво. Истражувањата покажаа дека меѓу придобивките спаѓаат подобрени перформанси при ниска температура, но и пониска емисија на загадувачки материи, како што се ПМ-честички, азотни оксиди и јаглероден моноксид.

Во истражувањата се покажа дека дизелот ХВО може да ја смали емисијата на ЦО2 за околу 4 проценти.

Тоа е едно од бројните заменски горива, покрај синтетските или е-горива, и општо биогоривата, каде што спаѓа и самото ХВО. Овие горива добиваат нова шанса во време кога се бараат сите начини да се смали емисијата на ЦО2 од моторите со внатрешно согориување, а посебно откако забави продажбата на електрични автомобили. Европска Унија најави дека ќе вклучи отстапка за е-горивата, за својата намера по 2035 година да се забрани продажба на нови возила со мотор со внатрешно согогување.

Германија во мај почна со примена на законот што дозволува ХВО да се продава на станиците за гориво. Тоа досега можеше да се користи само во јавниот превоз, како и во железницата. Во јуни, Франција ги укина ограничувањата за ХВО, коешто дотогаш смееше да се користи само во тешки камиони.

Другите држави, вклучувајќи ги Белгија, Финска, Италија, Холандија и Шведска, исто така дозволуваат ХВО да се продава на приватни корисници, меѓутоа клучно беше тоа што Франција и Германија го направија почетниот чекор.

Колку ќе се смали емисијата на стакленички гасови зависи од суровината

ХВО се произведува преку додавање водород во растително масло, за да се смени молекуларната градба. Емисијата на стакленички гасови зависи главно од начинот на којшто се произедуваат суровините, односно појдовниот материјал. Растенијата за чиешто одгледување се користи многу ѓубриво, на пример, создаваат повеќе стакленички гасови гледано во целина.

Најголемо скусување на емисијата на стакленички гасови се постигнува при користење на струганици или користено масло од ресторани. Студиите со возила што користеле ХВО покажаа дека во случај кога горивото се произведува од отпад, тоа може да се смета дека има неутрален карбонски отпечаток, гледано во целиот животен циклус. ХВО што се произведува од растително масло постигнува намалување на стакелничките гасови за 40 до 70 проценти.

Стелантис им се придружува на останатите производители што одобрија дизел ХВО

Стелантис на 11-ти ноември соопшти дека дизел моторите во патничките автомобили и во доставните возила што се означени со Икс-Т-Л на грлото на резервоарот, одговараат за ХВО. Извесен број од другите мотори што ја немаат оваа ознака, исто така може да го користи горивото, порачуваат од концернот.

Голем број од останатите европски производители наведуваат дека ХВО е прифатливо како заменско решение, зависно од годината на производство. Фолксваген, на пример, дозволува дизелите што се произведени по јуни 2021 година да користат ХВО.

Франција објави список со возила што можат да користат ХВО, вклучувајќи дизели на БМВ произведени од 2000-та наваму, модели на Рено и Дачиа што се по Еуро 6 стандард, како и возила на концернот Фолксваген и Мерцедес-Бенц, што имаат налепница Икс-Т-Л. Во септември, Волво и Хјундаи се приклучија во списокот.

Производителите на автомобили исто така користат дизел ХВО за да го смалат својот карбонски отпечаток. БМВ го користи во камионите за логистиката, а исто и тимот на Мерцедес Формула 1 го користи горивото во своите камиони во тековната сезона.

БМВ соопшти дека 10-те тешки камиони што се користат пробно со ХВО, во соработка со Несте, фински производител, испуштиле 800 тони помалку ЦО2 отколку при користење обичен дизел.

Проблем се цената и снабдувањето

Цената и достапноста оневозможуваат поширока примена на дизелот ХВО, стои во извештајот од истражувачката куќа Аргус. ХВО во моментов се продава во Германија по цена што е за 5 до 10 евра по сто километри повисока во споредба со обичен дизел. Таа вредност треба да се спушти под 5 евра, за ХВО да биде исплатливо за точење во комецијални камиони, коишто се верува дека ќе бидат најголем потрошувач на горивото, надвор од железницата.

На станиците во Германија и Франција што точат дизел ХВО, цената по литар е за околу 15 центи над обичен дизел.

Големите енергетски компании, како италијанската ЕНИ и француискиот Тотал, вложија во рафинерии за ХВО. Несте е најголем производител во светот во последните години.

За светскиот пазар за дизел ХВО се предвидува дека секоја година ќе расте во просек по 13 проценти, до 2030 година. Според извештајот на Форчн Биснис Инсајтс, пазарот во спомнатиот период ќе порасне од 17,8 милијарди долари во 2023 година, на 35,2 милијарди долари. Патниот транспорт учествува со 77 проценти, додека остатокот е за генераторите.

Претходна објаваФортинг Т5 Ево Хибрид · Тест · Седум часови понапред од очекувањата
Следна објаваХепи Бај-Деј Опел Македонија: 125 години Опел

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here