Skoda напиша уште едно милионско поглавје во Кина. Од погоните во Нингбо денес излезе тримилионитиот автомобил на Skoda. Чешката марка започна со производство во оваа фабрика во 2007 година.
Skoda во своите четири фабрики во Кина моментно произведува девет различни модели. Од 2010 година, Кина е најголем пазар за Skoda и моментно е единствена земја, каде што марката нуди пет СУВ-модели. Секако дека и славеничкиот автомобил припаѓа во СУВ-понудата. Станува збор за Karoq.
Skoda е активна на кинескиот автомобилски пазар уште од 1930-те години. Чешката марка имаше пет трговски претставништва во земјата уште во 1936 година. Актуелното поглавје започна во 2007 година, кога Skoda стартуваше со локално производство на Octavia во Шангај, во заедничката фабрика на SAIC и Volkswagen.
Потоа производството напредуваше брзо. Во првата година, од погоните се симнаа 39.000 возила. Но, веќе во периодот меѓу 2008 и 2010 година, Skoda произведе 385.000 примероци од своите модели. Во следните три години, бројката се зголеми на 705.000 возила. Меѓу 2017 и 2019 година, продукцијата веќе се приближи кон еден милион (953.000) возила.
Skoda во четирите фабрики на заедничката компанија SAIC Volkswagen денес произведува девет модели за кинескиот пзар. Во Нингбо, покрај бестселерот Octavia се произведува и Karoq. СУВ-моделите Kodiaq и неговата купе-изведба Kodiaq GТ се произведуваат во Чангша. Моделите Rapid и Rapid Spaceback излегуваат од погоните во Јуќенг, додека Superb, Kamiq и Kamiq GT се производ на фабриката во Нанџинг.
Ексклузивно на кинескиот пазар се нудат дизајнерските верзии Kodiaq GT и Kamiq GT. Секој четврти автомобил на Skoda се продава во Кина.
















