за

Skoda Fabia Combi: Семеен автомобил по разумна цена

Новата Fabia Combi настапува со многу порешителен стил отколку претходникот

Комби-изведбата на новата Fabia има понуда што не е за одбивање: Многу простор, мала цена. Чешкиот ценовник стартува од 9.410 евра. Интересна цена за млади семејства што не планираат автомобилот да им биде голем издадок.

Автомобили од „градската“ класа има многу, но такви што се нудат и како комби има многу поретко. Овие модели сепак заслужуваат внимание, затоа што нудат спој на евтино возило со голема практичност и многу простор. Според чешкиот ценовник, комби изведбата од новата Skoda Fabia чини само 360 евра повеќе од обичната комбилимузина со пет врати, односно 9.410 евра, наспроти 9.050 евра. Колку ќе чини моделот на нашиот пазар ќе дознаеме напролет, по домашната комерцијализација.

Од првите две генерации на Fabia Combi се продадоа околу 1,1 милион примероци во светот, што покрај вкупната продукција на моделското семејство од 3,5 милиони примероци укажува на фактот дека од три продадени примероци на Skoda Fabia, еден е Combi.

MirrorLink ја претвора Fabia во подвижен паметен телефон

Новата генерација на Skoda Fabia целосно се базира на модуларната платформа на мајчиниот концерн Volkswagen, така што компонентите, погонските агрегати и системите се веќе познати од другите марки и модели на германскиот концерн. Истото важи и за мултимедиските системи и поврзувањето со преносни уреди. Исто како во комбилимузината, во Combi може да се нарача системот MirrorLink, којшто теоретски го отсликува дисплејот на поврзаниот мобилен телефон на дисплејот во возилото, од кадешто можат да се повикаат и разновидните апликации од телефонот.

Никој во класата не нуди поголем багажник од Fabia Combi - до 1.395 литри
Никој во класата не нуди поголем багажник од Fabia Combi – до 1.395 литри

Најважниот аргумент на комбито со должина од 4,26 метри и ширина од 1,73 метар сепак не се електронските гаџети, туку просторот што го нуди. Покрај просторот, Skoda редовно се грижи да обезбеди и неколку практични детали, како гребач за мраз во капакот на резервоарот или пластична кутија за ситнурии во багажникот.

Стандардно со 530 литри, максимално 1395 литри

Багажникот е силна страна на Skoda Fabia Combi. Во нормална состојба стои на располагање простор со зафатнина од 530 литри, што е 50 литри повеќе отколку во претходникот. По соборувањето на поделената задна клупа овој простор расте на 1.395 литри. За споредба, Seat Ibiza ST има вредности 430 со 1.164 литри, кај Renault Clio Grandtour се 443 со 1.380 литри, а кај Mini Countryman 350 со 1.170 литри. Во просторот може без проблем да се сместуваат предмети долги до 1,55 метар. Покрај тоа, површината на подот е поширока и сега изнесува 960 милиметри, а товарањето го олеснува и товарниот праг понизок за 26 милиметри. Под отворениот капак на багажникот може исправено да застане човек со висина до 1,9 метар.

Од постојаното усовршување на погонските единици во рамките на концернот профитираше и потрошувачката на гориво. Во просек, новата генерација на Combi троши до 17 проценти помалку гориво од претходникот, што меѓу другото се должи и на системот старт-стоп, како и повратокот на енергијата при сопирање – дополнително на пониската тежина на возилото. Спектарот на моќност на бензинските мотори се движи од 75 до 110 КС – основната верзија со 60 КС не е достапна за Combi – додека новиот трицилиндарски дизел од 1,4 литар испорачува меѓу 75 и 105 КС. Кај посилните изведби може да се доплати и за менувач со двојна спојка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Британските разузнавачи следеле лица преку нивниот iPhone

Музејот на Audi доби електричен транспортер од 1956 година