Skoda пушти нова производствена линија за површинска обработка преку плазма. Напредната технолошка постапка овозможува класичните кошулки во цилиндрите, жаргонските „хилзни“, да се заменат со слој од прав со дебелина од 150 микрометри (0,15 mm). Постапката ќе се користи за новите трицилиндарци EA211 Evo, заради смалување на триењето. Чешката марка вложи 29 милиони евра во оваа линија.
Со новате технологија за површинска обработка преку плазма се зголемува ефикасноста на моторите EA211 TSI Evo. Смаленото триење води кон намалена потрошувачка и намалена емисија. Покрај тоа, се постигнува и порамномерна и подобро одведување на топлината од коморите за согорување и се оптимира термичкото оптоварување. Моторите со плазма слој ќе се произведуваат во Млада Болеслава во три смени и ќе се вградуваат во моделските серии Fabia, Scala, Octavia, Kamiq и Karoq.
Мотори со плазма-слој ќе се вградуваат и во Skoda Octavia e-Tec, во првиот модел на Чесите со благ хибриден погон. Во модернизацијата на производството на мотори, Skoda вложи вкупно 61,1 милиони евра.
По изработката на коморите за согорување се користи ласер со моќност од 1.500 вати, кој ги „огрубува“ површините што доаѓаат во допир. Целта е на тој начин да се обезбеди оптимално прилепување на слојот плазма. Ласерскиот зрак изработува по десет ребра на секој милиметар, кои се длабоки просечно 40 микрометри. Оваа постапка се врши во заштитена атмосфера од нитроген, со цел оптиката на ласерот да не се попречува од нечистотии и да се постигне врвна прецизност.
Како плазма гас служи смеша од водород и аргон, а потрошувачката на водород за време на обработката изнесува 4,5 литри по минута. Плазмата достигнува температура до 15.000 степени Целзиусови и се дислоцира со различни видови челик што се сомелени во ситен прав. Составни делови на овој прав, покрај железо, се јаглерод, силициум, манган и други елементи. Одделните зрна прав се големи до 50 микрометри. Кога се прска врз ѕидовите на цилиндрите, овој сомелен прав создава слој со дебелина од околу 250 микрометри. Потоа следи т.н. хонување, кога овој слој се смалува на 150 микрометри. За споредба, дебелината на обичните кошулки изнесува четири милиметри.
При изработката, секој цилиндар се мери автоматски повеќе пати, заради обезбедување на квалитетот. Оптички мерни уреди прво ја проверуваат површината по ласерското огрубување. По нанесувањето на плазмата се мери вторпат. На крајот, структурата на слојот плазма се проверува со воздушен вртлог.