Во фабриката на Škoda во Квасини денес започна сериското производство на Kodiaq. Новиот теренец на чешката марка со големината на каросеријата е меѓу компактниот Volkswagen Tiguan и Touareg. Испораката на моделот што ќе биде достапен и во изведба со седум седишта започнува во февуари.
Погоните во Квасини беа темелно модернизирани и проширени за производството на Kodiaq. Покрај новоизградената хала за изработка на каросерии и приспособувањето на монтажната линија се проширени и лакирницата и подрачјата за логистиката.
Квасини е една од трите фабрики на Škoda во Чешка, со 5.900 вработени лица. Во следните години, капацитетот на погоните во Источна Бохемија ќе се зголеми на 280.000 возила годишно. Соодветно на тоа, Škoda ќе отвори 2.000 нови работни места и до 2018 година ќе вложи околу 265 милиони евра во проширувањето на фабриката. Покрај Kodiaq, во Квасини се произведуваат уште знаменосецот Superb и компактниот теренец Yeti. Лани излегоа 142.000 возила од овие погони коишто датираат од пред 82 години.
















